Осомничениот за убиството на Денис Тот во Словенија бил осуден за производство на дрога за силување (фото)

Ангело Ѓоргиевски, првоосомничениот за претепувањето на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој почина како последица на повредите е повеќекратен деликвент осудуван за трговија со дрога во Словенија, објави порталот 24 Инфо.

Ѓоргиевски, кој е роден во Марибор, во јуни 2016 година во центарот на градот направил тешка сообраќајка. Ѓоргиевски со својот автомобил „фиат пунто“ удрил во пет паркирани автомобили и избегал, но набргу бил фатен од полицијата.

Тогаш мариборските криминлисти влегле во трага на бандата дилери на дрога, меѓу кои и нашинецот. Во октомври истата година во Шентиљ полицијата открила лабораторија за производство на синтетички дроги. Меѓу другото имало и ГБХ (гамахидроксибутират) кој спаѓа во категорија на депресори на нервниот систем или средство за успивање и позната како дрога за силување. Во лабораторијата биле запленети амфетамини и марихуана.

По него е распишана централна потерница, што значи дека полицијата смета дека тој е во земјава. Но ако се има во предвид дека живее во странство, не е исклучено тој да ја напуштил земјава.

Од Кривичниот суд Скопје денеска потврдија дека е одредена мерка притвор за уапсените А.К. (22) и К.Л. (19) кои се снимени од камерите како заедно со Ѓогиевски го напаѓаат Тот кој не пружал никаков отпор.

-Постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје, судија на претходна постапка донесе решение да го прифати предлогот на обвинителството и на двајцата приведени им одреди мерка притвор, заради постоење опасност од бегство и можност да влијаат и да ја попречат истрагата“,соопштија од Кривичен суд Скопје.

Убиството се случило во четвртокот окоу 3.30 часот пред ноќниот клуб „Привилеџ“ кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Тот од ударите паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Осомничените продолжиле да го удираат по главата, а потоа, без да му укажат помош, избегале. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.

Back to top button
Close