Оставка на директорот на Фронтекс поради истрага за нелегални протерувања на бегалци , ЕК се оградува од одговорност

Директорот на граничната агенција на ЕУ, Фабрис Леџери поднесе оставка по темелна истрага за неговата инволвираност во нелегални протерувања на бегалци на надворешните граници на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оставката на Леџери доаѓа по извештај на антикорупциската агенција на ЕУ, ОЛАФ, но и на темелна истрага на бројни новинари и невладини организации кои со години обвинуваат дека агенцијата Фронтекс и нејзиниот директор знаеле и ги прикривале овие нелегални протерувања на бегалци, кои во некои случаи довеле и до смрт.

Новинарите во Брисел денеска бараа одговор од Европската Комисија зашто досега не реагирала и дали чувствува одговорност што не реагирала до сега на бројните извештаи на оваа тема. Самиот Европски Парламент минатата година дојде до заклучок дека не само Леџери туку и агенцијата Фронтекс имаат системски проблеми и потребни се темелни измени во начинот на функционирање на агенцијата.

Европската Комисија се оградува и се брани пред обвинувањата. Портпаролите на Комисијата велат дека „секогаш поддржуваме дејствија со цел подобрување на владеењето и заштитата на темелните права“.

Минатата година Фронтекс воведе организациски промени во својата структура по заклучоците на Европскиот Парламент, и назначен е директор задолжен за човекови права, негов заменик и дваесетина набљудувачи на човековите права.

Новинарите прашуваат дали Европската Комисија го штитела однесувањето на директорот Леџери, повикувајќи се на изјави, меѓу другото, на потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас, кој во интервју пред неколку месеци ги отфрли обвинувањата против Леџери.

– Сега има извештај на ОЛАФ, поднесен му е на засегнатото лице (Леџери), засеганото лице имаше можност да даде коментар и да ја каже својата позиција и најави дека поднесува оставка, неговиот мандат е во рацете на управниот одбор сега, сега е момент на одлука, врз основа на сè што ОЛАФ стави на располагање и одговорите на лицето, рече Ерик Мамер, портпарол на Европската Комисија.

Тој истакна дека е неправедно да се обвинува само Европската Комисија во овој случај бидејќи надлежноста за миграцијата ја дели со земјите членки на ЕУ.

– Ова е една од најчувствителните области со кои треба да управуваме и таа одговорност ја делиме со земјите членки, лесно е да се обвинува Европската Комисија кога одговорноста е споделена со земјите членки, како што реков оваа организација се градеше во време кога се соочуваше со своите најголеми предизвици и мора да бидеме сигурни дека ќе продолжиме да се подобруваме, додаде Мамер.

Европската Комисија која има еден член во управниот одбор на Фронтекс најави дека ќе даде подробен коментар за својот став за оставката на директорот на агенцијата наскоро, по завршувањето на состанокот.

Според неофицијални информации управниот одбор ја прифатил оставката на Леџери.

Фронтекс располага со буџет од една милијарда евра за обезбедување на надворешните граници на ЕУ.

Back to top button
Close