Отворен Балкан, отворен ум

Некако ми стана навика почитувани, еве со години наназад, во предвечерието на еден од нашите најголеми празници 2 август, Илинден, нешто да напишеме, да раскажеме, коментираме, некако да ја заокружиме оваа сезона обременета од многу политички настани кои го окупираа нашето внимание.

Секако еден од најголемите политички настани, овој голем економски форум “ Отворен Балкан,,  кој се случи во нашиот главен град ќе биде на некој начин историски од повеќе аспекти и до колку има силна волја и мудрост да се  спроведат и почитуваат договорите меѓу трите земји потписнички ќе има несомнено голем бенефит за граѓаните на Македонија, Албанија и Србија. Не знам кој тоа не може да го види или процени. За тоа да го видат сепак потребен е и отворен ум, никако затворен ум.

Но паралелно со овој дводневен форум, дежурните мрчатори, хушкачите, националистите од двете страни не мируваа, млатеа празна слама по социјалните мрежи, онака баш пуштени на најјако. Од мноштвото будалаштини и “експертизи“ кои ги слушнавме да не знае човек која од која е поспектакуларна или поступидна. Слушнавме некои теории дека ова било пропаст за нашиот пат кон ЕУ и нашите интеграции демек сега сме се откажале од ЕУ, ама еве веднаш да им кажеме дека мало сутра сме се откажале. Со уште поголем интензитет и спремност ја чекаме новата Бугарска влада кога и да е, ги мобилизираме нашите меѓународни сојузници на сите страни, правиме постојан притисок кон Бугарската страна кон што побрзо надминување на овој проблем, така да започнувањето на преговори со ЕУ е највисоко на агендата, нема алтернатива за тоа, затоа не паламудете кога ништо не знаете. Слушнавме исто така “големи мудрости“ и будалаштини од некои други “ретро“ националисти, со некои теории од минатиот век, насочени особено кон Еди Рама, Албанскиот премиер, кој го качија на криво магаре само затоа што се дружел со Александар Вучиќ, па внимавајте тоа било поддршка на некој ткн “Српски свет“, ма немој молим те. Не знам каков е тој “Српски свет“ што во последно време го експлоатираат многу оние теоретичари на заговори, цитирајќи мислења и изјави на некои српски министри, новинари и разузнавачи, но едно знам, ова многу повеќе ми личи на “Европски свет“, да токму така, европска политика на три земји кои сакаат да ги срушат меѓусебните бариери на политички и економски план и да им го олеснат животот на своите граѓани, што има лошо во тоа, каков бре “Српски свет“ какви будалаштини.  Ама што уште не слушнавме да се чудиш, кога немате аргументи тропате глупости, демек зошто Александар Вучиќ бил главна звезда на настанот па сите се сликале со него, дури и Дарко Панчев, зошто Еди Рама бил така облечен, зошто премиерот Заев не знаел каде се наоѓа клубот Тропикана каде што порано одел Вучиќ, слушнавме се и сешто. Да така е, Александар Вучиќ беше главна звезда затоа што претставува земја која е најголема во регионот и воено и политички поголема и од Македонија и од Албанија. Така е тоа во политиката, тој што е “најсилен“ тој е “главен“ секаде, нема лутење за тоа. Исто како и во животот, оној кој има повисок статус и повеќе пари, тој е главен, околу него ќе се вртат луѓето, а богами и жените. Е сега тоа што премиерот не знаел каде е Тропикана, па луѓе мои се кладам дека еден куп од оние мрчатори на социјалните мрежи кои се од Скопје немаат појма кај била Тропикана, па зошто да знае премиерот кога е од Струмица. За сите оние што не знаат, Тропикана беше еден популарен клуб во деведесетите години, онде на поранешен булевар ЈНА, сега не ми текнува како се вика, абе само 30 метри од поранешниот клуб ,,Булевар“, тоа е, за оние кои заборавиле.

Да почитувани, мноштво работи се изнаслушавме, буквално за се и сешто. Но малку слушнавме за брзите ленти за поминување на границите меѓу овие две земји, за тоа дека до 2023 година ќе постојат само формални граници меѓу овие три земји, за големите царински олеснувања, за укинување на работните дозволи, за еднаквите услови за работа и бизнис во било која од овие три земји, за движењето на стоки и услуги и слободен пристап до пазарот на трудот како и многу други поволности кои ќе го подигнат квалитетот на животот на луѓето на овие простори и ќе ја подигнат економијата и стандардот. Прашајте ги луѓето од стопанските комори, од реалниот сектор, од бизнисот, од оние компании кои секојдневно работат и се врзани меѓусебно со пазарот во овие три земји, прашајте ги нив дали ова не е добро па ќе Ви кажат, ама немојте да не замарате со некој измислен “Српски свет“, со Тропикана и со слични глупости, дајте малку бидете со Отворен ум.

Еве за некој ден е 2 август, Илинден, еден од најголемите и најубави празници за нас, доаѓаат одморите, период во кој ќе одмориме се надевам малку од политика, па повторно не чека жешка есен, само се прашувам зарем некогаш не била жешка есента?

Добар одмор, бидете здрави и живи.

 

M-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close