Отвори врата

3. Не ги разбирам овие што викаат: „Не ги признавам резултатите од пописот“. Како резултатот на статистичка операција зависи од тоа дали некој ќе го признае или не? Дошле, те попишале, си кажал што те прашале, те запишале и – тука завршува муабетот. Односно – дошле, не те нашле, или не си ги примил, не си одговорил на прашањата што требало да те прашаат, те запишале дека не те нашле и – тука завршува муабетот. Такви избројале 132.260 граѓани. Што е тука спорно за непризнавање?

Тие што живеат во странство беа повикани да се попишат онлајн. Тие што не сакале да се попишат, не се попишале.  Не знам зошто ние што живееме тука би се секирале како се чувствува некој некој што живее во странство? Ние со нашите чувства не можеме да се справиме, па сега ќе се секираме за нивните. Пописот ни треба нам, за тука државата на која ѝ плаќаме данок да си има податоци врз основа на кои ќе испланира колку градинки ни требаат, дали ни требаат патишта со две или три ленти, каде треба да се испланира амбуланта, школо, хидроцентрала, колку треба да бидат државните резерви… Додуша, пописот не ни треба само за носење урбанистички планови, оти тие се носат без оглед на тоа колку луѓе некаде живеат. А за планирање на условите за живот на нашите во странство, и попишаните и непопишаните, ионака грижа водат државите во кои што плаќаат данок.

На крајот на краиштата, баш фино што над 130.000 граѓани што живеат во Македонија се над ситуацијата во која некои партии форсираат национални теми од 19 век. Ним не им било битно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, Срби, Хрвати, Египќани, Бугари, Марсовци, Клингонци… Тие 130.000 едноставно си се луѓе.

А тие што викаа: „Не отварам врата“, а сега не ги признаваат резултатите од пописот, следниот пат нека бидат до вратата.

4Толку е станато нормално функционерите да имаат привилегии, што дури и министерот за правда Никола Тупанчевски може ладно да каже дека Антикорупциската комисија се бави со глупости оти го повика да даде отчет кој му ги платил трошоците за одење на фудбал во Палермо. А претседателот на Основниот суд во Кавадарци Лазар Нанев ги прекори новинарите дека не знаат да се радуваат и да уживаат во животот, па се фатиле за неговото патување заедно со министерот за правда и вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи. Демек ние будали сме, не знаеме да уживаме ако ни плаќа некој. Мотово на судијата е како во српската песна: „Узми све што ти живот пружа, данас си цвет, сутра увела ружа…“.

Џабе Владата има донесено Кодекс за етичко однесување на функционерите, кога министерот за правда не сфаќа што има погрешно во тоа што прифатил да биде гостин на Фудбалската федерација на Македонија на натпреварот во Палермо, па уште и во друштво на претседател на суд и на виш јавен обвинител. Ај што не сфаќа министерот, туку не им е јасно ни на многу негови колеги и помали функционери, а богами и на граѓаните што немаат политичка функција. Ни викаат: „Де бре, на толку украдени милијарди и незавршени судски процеси за висока корупција вие за еден фудбал се фативте“.

Да. Така е. Де бре, за едно погрешно паркирање сте се фатиле, а овие ја украдоа цела држава. Де бре, за поткуп од 50 евра што примил државен службеник сте се фатиле. Де бре, баш мене ли ме најдовте да ме казните за забрането пушење, а цела државна администрација пуши во канцеларија? Е сега, само јас ли фрлам шут, а цели градови се затрупани во ѓубре?

Затоа е нормално кога и министерот за правда во таква држава ќе каже дека Антикорупциска комисија се бави со глупости. Ама не е нормално кога Владата на Ковачевски, во која има и вицепремиер за добро владеење, очекува сите да ѝ веруваме кога ни кажуваат помпезни зборови за антикорупција, етика, кодекс и така натака… Кон ЕУ.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close