Јован Вранишковски: Денеска сум порадосен отколку денот кога добив томос за автономија на ПОА


Тој повика да им се оддаде признание и почит на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои, како што рече, ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ
Не знам кога радоста ми беше поголема – кога го примав томосот за автономија за Православната охридска архиепископија од раката на патријархот Павле или денеска кога се воспоставува целосно литургиско општење со сите архиереи на МПЦ-ОА. Ако треба да одбирам би дал предност на денешната радост бидејќи денеска се воспостави целосно евхаристичко единство со нашите браќа со кои не бевме.

Вака рече Јован Вранишковски, поглавар на Православната охридска архиепископија (ПОА), во обраќањето на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ-ОА во храмот „Свети Сава“ во Белград.

Тој повика да им се оддаде признание и почит на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои, како што рече, ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ.

„Овој ден го создаде Господ за да се радуваме и веселиме во него. Единството на црквата не е дополнување на суштината на црквата, туку самата суштина на црквата. Не може да имаме две или повеќе цркви како што веруваат протестантите или две или повеќе литургии. Со денешната литургија се признаваат сите свети тајни и молитвословија кои се извршени во МПЦ-ОА за цело време додека таа не беше во единство со СПЦ, а преку неа и со сите православни цркви. Треба да се оддаде голема почит и признание на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ“,

рече Јован во обраќањето на српски јазик.

Тој понатаму во говорот појасни за какви притисоци се работи:

„Велам противцрковни, притисоци бидејќи тие луѓе не се интересираат за канонско и црковно решавање на долгогодишниот
проблем, бидејќи повеќе ги интересираат национални, реалполитички, геоплитички, црковнополитики состојби, како што се наведува во соопштението на СПЦ за признавањето на МПЦ-ОА во литургиско општење“,рече тој.
Тој на крајот им се заблагодари на свештениците и верниците на неговата ПОА кои, како што рече, сите тие години служеле и слушале литургии по приватни куќи и подруми и биле прогонувани и судени, но биле свесни дека тоа е жртва за единството на црквата.

Најголема благодарност тој упати до поглаварите на СПЦ Порфириј и до МПЦ-ОА Стефан: на Порфириј, за како што рече, добрата волја и големата упорност за проблемот на расколот конечно да се реши, а на Стефан за покажаната подготвеност за лична жртва да ги понесе озборувањата на нецрквените луѓе во РСМ.

Back to top button
Close