„Да веруваме дека правото има моќ …“ Јовески замина од функцијата со цитат од Линколн

 “Да веруваме дека правото има моќ; и со таа верба да се осмелиме до крај да ја вршиме нашата должност онака како што ја разбираме”

На последниот работен ден како Јавен обвинител на Северна Македонија, Јовески реши да ѝ пише на јавноста дека ситуацијата во институцијата со која раководеше од 2017 е сложена, но не и така „црна“.

„Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади“, пишува Јовески.

Досегашниот Јавен обвинител, кој е кандидат за уставен судија, во соопштението вели дека анкетите кои покажуваат исклучително ниска доверба на граѓаните во обвинителството се правеле како за рејтингот на политичките партии, според него, не биле соодветни за мерење на работата на Јавното обвинителство.

Тоа го аргументира со, како што го нарекува, релевантно истражување на Светска банка кое покажувало подобри резултати.

„Квалитетот на работата на правосудните институции позитивно го оцениле повторно 28% од граѓаните и 31% од бизнисмените, а во нивен предмет тој процент се искачува на 50% од граѓаните и 42% од бизнимените кои се задоволни од квалитетот на одлуките“, стои во дописот на Јовески.

На крајот тој им праќа порака на колегите-обвинители да бидат трпеливи и упорни зашто „потрагата по правда е маратон, а не спринт трка на кратки патеки“.

„Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате“, вели Јовески.

Back to top button
Close