Пахлави со апел до Западот да им помогне на Иранките

Вдовицата на последниот ирански шах, Мохамед Реза Пахлави, Фарах упати апел до Западот да ги поддржи антивладините протести во Иран.

– Западот може да помогне со прераскажување на сите ужаси што се случуваат во Иран под овој режим. Се надевам дека овој режим ќе биде соборен, изјави 83-годишната Фарах Пахлави.

Таа додаде дека иранските жени со децении се борат за својата слобода, но оти сега првпат протестите се со толкав интензитет.

– Имам посебна порака за жените: горда сум на нив, на моите сонародници, сестри, деца и ќерки. И покрај угнетувањето, тие се борат и имаат храброст да застанат против режимот, посочи Пахлави.

Веќе две недели траат протестите во Иран поради смртта на 22-годишната Махсе Амини, а жените од Блиски Исток, Европа и од САД преку собири и демонстрации покажуваат солидарност со иранските жени.

Амини почина во болница на 16 септември, три дена откако беше уапсена од моралната полиција поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“.

Жените ширум светот солидарноста со Иранките ја покажуваат и со стрижење на косата или бричење на главата. Во Иран сечењето на долгата коса, што е знак на убавина и мора да биде покриена е форма на протест како и симбол на жалост.

Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси денеска изјави дека е неприфатлив хаосот предизвикан од протестите. Тој во интервју за државната телевизија вети дека наскоро ќе биде објавен конечниот извештај за причината за смртта на Амини.

Поради смртта на Амини секоја вечер во повеќе од 40 градови во Иран се одржуваат протести, при што се убиени најмалку 41 демонстрант, а стотици се уапсени. Ова се најголемите протести во Иран од ноември 2019 година, што тогаш беа поттикнати од поскапувањето на горивата, а беа задушени со сила.

 

 

Back to top button
Close