Пакистан тестираше балистичка ракета во услови на тензии со Индија
Пакистанската армија денеска тестираше балистичка ракета земја-земја со дострел од 450 километри, во услови на зголемени тензии со Индија по убиството на индиски туристи во Кашмир.
„Лансирањето на системот за оружје „Абдали“ има за цел да обезбеди оперативна подготвеност на трупите и да ги потврди клучните технички параметри, вклучувајќи го напредниот систем за навигација на ракетата и подобрените маневрирачки карактеристики“, се вели во соопштението на пакистанската армија.
Во исто време, Индија објави дека забранува увоз на стоки со потекло од Пакистан или кои транзитираат низ него. Генералниот директорат за надворешна трговија на Индија соопшти дека забраната ќе стапи на сила веднаш.
Пакистан, исто така, најави одмазднички мерки што вклучуваат целосно прекинување на граничната трговија, затворање на воздушниот простор за индиските превозници и протерување индиски дипломати.