Пандов потпишал барање за времен прекин на затворските казни на осуденици од 27 април, меѓу нив и Митко Чавков

В. д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, одобрил повеќе барања за привремен прекин на затворска казна за осуденици од случајот „27 април“ за упадот во Собранието. На новинарско прашање, тој денеска на прес-конференција ја потврди информацијата, но не кажа колку точно барања се одобрени ниту на кого се однесуваат.

„Како в.д. директор единствено што можам е ако дојде барање од затворник кој ќе достави документација дека има акутен здравствен проблем, потпишан од специјалист, дека мора да изврши здравствен зафат, јас немам право да го одбијам. Факт е дека неколку, сега немој да ме фаќате за збор, за тројца-четворица-петорица, во меѓувреме откако ја извршувам функцијата се дојдени такви барања и потпишани се такви барања“кажа Пандов.

На новинарско прашање дaли сите одобренија се за осуденици за „27 април“, Пандов вели:

„Има едно-две кои не се. Меѓутоа, мене ми е зачудувачкишто праксата била контрола да прават вработени од Управата и мене ми ја доставуваат – дали треба да биде позитивна или негативна. Ако има акутна болест којашто треба да се лекува, такви случаи во минатото биле одбивани. Јас тоа нема да го правам“,рече тој.

ТВ Телма, повикувајќи се на извори од Управата за извршување на санкции, јави дека меѓу осудениците од „27 април“ на кои Пандов им ги потпишал барањата за прекин на издржувањето на казната се и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, кој денеска е пуштен од затвор, а дека од зад решетки излегува и осуденикот Душко Лазаров.

Од затворската управа за Телма брифираат дека најголем дел од барањата коишто се одобрени, се за физикална терапија.

Денеска Пандов свика прес-конференција на која на големо зборуваше за вонреден надзор што во петокот ноќе го направил во затворот „Скопје“ во Шутка и за кој кажа дека бил „хотел-промаја“.

Од СДСМ му возвратија дека денешната прес-конференција била за кревање медиумска магла, со која Пандов сакал да го прикрие пуштањето осуденици од 27 април.

„Скандалозен чин на узурпација на институцијата. За само две недели директорување на Пандов, од Штипскиот затвор 4 осудени лица за 27 април се пуштени на прекин на издржување на казната? Како осудениот Јане Ченто за насилствата од 27 ми април со негов потпис е пуштен? Како Александар Јаневски Тошта исто така осуденик е пуштен? Како се пуштени осудените Оливер Поповски и Митко Пешов од затворот во Штип? Како е можно со потпис на Пандов некој да има прекин во казната од 30 дена? Ова се прашањата на кои Пандов треба да одговори“,се вели во реакцијата на СДСМ

Back to top button
Close