Папата Франциск се очекува утре да биде отпушен од болница


Папата Франциск се очекува утре да биде отпуштен од болницата во Рим, каде се лекува од бронхитис, соопшти денеска Ватикан.

Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, во изјавата рече дека закрепнувањето на папата е „нормално“ и дека тој вчера вечерал пица.

Осумдесет и шестгодишниот понтиф во средата беше примен во римската болница Џемели, каде лекарите рекоа дека се лекува со антибиотици за бронхитис.

Според Ватикан, папата втората ноќ во болница ја поминал „мирно“.

Поглаварот на Римокатоличката црква е примен во болница четири дена пред празникот Цветници, почетокот на Страсната седмица.

Тој в недела треба да одржи богослужба по повод тој празник, а засега не се знае дали неговата здравствена состојба ќе влијае на празнувањето на Велигден од 6 до 9 април.

Прексиноќешната хоспитализација на папата Франциск е прва од јули 2021 година.

Back to top button
Close