Пазарен инспекторат: Шест субјекти што не ги почитувале одлуките за продавање леб по замрзната цена, казнети со вкупно 960 000 денари

По одлуката на Влада да ја замрзне на цената на лебот до 33 денари и по одлуката со која ги обврза пекарите да произведуваат и продаваат леб по замрзната цена, пазарните инспектори во саботата (04.03.2023) извршил над 250 надзори и контроли на територија на цела Македонија, информираат од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

„Она што е утврдено од надзорите и контролите е дека поголем број од трговците ги почитуваат Одлуките на Владата. Леб се продава од 28 до 33 денари, зависно од грамажата и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со Одлуката на Владата, во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во месец декември 2022 година“,

се наведува во соопштението на ДПИ.
Онаму каде што биле констатирани прекршувања, биле издадени вкупно шест прекршочни платни налози и тоа во висина од над 960 000 денари, додаваат од ДПИ.

Од инспекторатот апелираат трговците да ја адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со Одлуките на Владата, бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни кои се многу високи, и изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговија.

Откако граѓаните неколку дена не можеа да купат бел и полубел леб, од саботата на полиците во продавниците и маркетите тој повторно може да се најде, но сега по замрзната цена од 33 денари.

Полиците за леб останаа празни откако Групацијата на мелничко-пекарската индустрија донесе одлука да не се произведува и носи бел и полубел леб, согласно Одлуката на Владата тој да се продава по замрзната цена од 33 денари, а образложението им беше дека на тој начин ќе претрпат огромни загуби.

По два дена бојкот, од Групацијата вчера донесоа одлука дека овие типови леб од денеска ќе се продаваат за 33 денари, а на Владата ѝ порачаа дека битката против оваа одлука ќе ја водат на правна основа.

Од Групацијата рекоа дека одлуките на Владата прават огромни штети и загуби на индустријата на месечно ниво кои се во износ од над 1,5 милиони евра и оти поради наметнатите загуби, пекарската индустрија е принудена да се приспособи и да ги намали цените за одредени видови леб, но и да намали на бројот на вработени за да опстане во иднина.

Директорот на пазарниот инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, викендов, во објава на Фејсбук, напиша дека леб во маркетите има и се продава по 33 денари. Тој кажа дека инспекторите се на терен и како и Владата претходно, најави дека дополнително ќе се замрзнуваат цените и на другите производи

Back to top button
Close