Пендаровски сe сретна со архиепископот Кирил Васил, словачкиот амбасадор, претседателот на Словачката бискупска конференција и македонскиот книжевен преведувач и библиограф Лекоски
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими Архиепископот Кирил Васил, администратор на епархијата во Кошице, Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачката Република, Франтишек Рабек, претседател на Словачката бискупска конференција и Стојан Лекоски, книжевен преведувач и библиограф кој повеќе од 15 години живее и работи во Словачка.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата која се одржа по повод промоцијата на библиофилското издание на Прогласот од Константин филозоф – Св. Кирил на старословенски, словачки и македонски јазик, а во пресрет на одбележувањето на делото на Светите Кирил и Методиј, се разговараше за важноста од негувањето на културно-духовната врска меѓу Северна Македонија и Словачка, како предуслов за пријателските односи и градењето на заемна почит и разбирање.
Пендаровски изрази задоволство од силните политички, историски и културни врски меѓу Северна Македонија и Словачка и истакна дека државата високо ја цени и силната заложба и поддршка од Словачка во однос на нашите европски интеграции. Претседателот изрази очекување за натамошно динамизирање на соработката меѓу двете држави во областите од заемен интерес.
Соговорниците на средбата порачаа дека афирмацијата и популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Словачка придонесува за унапредување на пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, стои во соопштението.