Пентагон не сака спор околу Преспанскиот договор внатре во НАТО

Америка е силен поддржувач на Преспанскиот договор и се надеваме дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски, директорот за Европа и НАТО во Пентагон, Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од безбедносната алијанса следната недела во Вашингтон.

„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“,

вели Бјуланд.
Бјуланд во интервјуто ги повторува добро познатите пораки дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други актери да го искористат незадоволството на народот.

Гласот на Америка на македонски пренесува дека се обратиле на 19 јуни до Стејт департментот, дали премиерот Мицкоски со употреба на две имиња за државата, дома Македонија, а во странство Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа.

Од прес-службата тогаш одговориле:

„Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа“.
Од Стејт Департментот ја потенцирале поддршката за овој „витален договор“, со назнака дека ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки.

Back to top button
Close