Пензиите од септември ќе се зголемуваат по старата методологија

Пратениците дадоа поддршка за измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Со ова се укинува зголемувањето на пензиите што го вети и предложи ВМРО- ДПМНЕ со линеарно зголемување од 2.500 денари во септември и 2.500 денари со мартовската пензија.

Од септември 2025 година, пензиите повторно ќе се усогласуваат 50% според индексот на трошоците на животот и 50% според порастот на просечно исплатената плата.

Пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска, се спротивстави на решението, пензионерите кои стекнале право на пензија во Македонија, но примаат исплата во друга држава да бидат исклучени од усогласувањето на пензиите. Според неа, оваа одредба засега околу 12.000 лица, од кои најголем дел живеат во Србија и Косово.

Тренчевска нагласи дека со оваа измена овие пензионери нема да добијат усогласување на пензиите ниту сега во март месец 2025, ниту во иднина.

Пратеничката на ВМРО – ДПМНЕ, Ангелинка Петкова нагласи дека со измените се покачуваат пензиите на пензионерите за 2.500 денари и оти тоа е второ покачување од септември минатата година со што го исполниле тоа што го ветувале.

Back to top button
Close