Пензискиот систем е стабилен и одржлив, заклучи Советот за следење на состојбите во пензискиот систем

 Советот за следење на состојбите во пензискиот систем, денеска ја оддржа првата седница од изборот на оваа Влада, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како новa претседателка на ова тело, информира МТСП.

На денешната седница, членовите на Советот биле информирани за работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и состојбата на пензискиот систем во 2021 година, како и за предлогот на Владата за измена на методологијата за усогласување на пензиите.

На седницата била потврдена стабилноста и одржливоста на пензискиот систем и остварените резерви во висина од 1.3 милијарди денари во Фондот за ПИОМ. Притоа се дискутирало и за промената на методологијата за усогласување на пензиите, за што била одржана претходно средба со претставниците на пензионерите.

Министерката Тренчевска информирала за отворањето на социјалниот дијалог со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери како претставници на пензионерите и можностите за промена на методологијата за усогласување на пензиите.

-Целта е да воспоставиме системско решение, на долг рок. Новата методологија треба да обезбеди континуиран раст во иднина, без потреба од дополнителна интервенција од страна на институциите. Нашата цел е воспоставување на систем, кој обезбедува сигурност и извесност, рече Тренчевска.

Вицепремиерот Битиќи посочил дека свикувањето на советот треба да биде редовна пракса. Тој се осврнал на промената на критериумите за минимална плата која беше направена неодамна и отворањето на дискусијата со пензионерите за промена на методологијата во усогласување на пензиите.

Министерката истакнала дека мислењето на Советот е особено значајно во поглед на креирањето на мерки и измени во законските решенија кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на пензионерите.

Од МТСП посочуваат дека со оглед на тоа дека, денешната средба била прва и повеќе насочена кон запознавање и отворање на дискусија, подолга и подетална средба на советот било договорено да се реализира до крајот на овој месец.

Back to top button
Close