ПЕРФОРМАНСИТЕ „ЕВНУСИ” И „БЕЗ ИЗВИНУВАЊЕ” ГОСТУВААТ НА ПЕРФОРМАТИВНАТА ПРОГРАМА НА ВИКЕНДОТ НА ГОРДОСТА СКОПЈЕ 2026  

Денеска почнува првиот дел од перформативната програма на Викендот на гордоста Скопје 2026, во рамки на овогодишната тематска поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно”. Преку две исклучителни меѓународни продукции, овогодишната програма ги отвора прашањата за телесноста како простор на субверзија, историска меморија, трансгресија и отпор кон нормативните режими на сексуалноста, идентитетот и општествената дисциплина.

На 4 јуни, со почеток во 20:30 часот во МКЦ, ќе се одржи перформансот „Евнуси” (Eunuchs) на бразилското дуо Irmãs Brasil (Бразилски сестри), составено од уметниците Вини Вентанија и Викторија Жовем. Делото претставува склоп на танц, театар и перформанс и се осврнува на процесот на кастрација од историски аспект, како и на транзициските технологии и родовиот перформанс. Две битисувања, два диви коња, две сирени, две нимфи и два лилитски лика водат преговори со животот и желбите додека патуваат низ просторот и времето за да го иницираат ритуалот на смртта и воскресението. Двете тела се подложени на микро и макрооперации во текот на неколку несреќни случаи предизвикани или примени од нив, во живо. Публиката не е пасивен чинител во изведбата, туку го зазема своето место во конфликтните односи што таа ги предизвикува. Жртвувањето на дисидентските тела и чинот на распнување нè поттикнуваат да ја пронајдеме патеката избраздена од реките крв што течеле низ историјата. Во изведбата се обработуваат колективноста и интерсубјективноста, во обид да се создаде свет во кој нема мир.

За присуство на перформансот не се потребни билети; потребно е само публиката да пристигне навреме пред почетокот на изведбата.

Irmãs Brasil претставува заеднички проект на травести уметниците Вини Вентанија и Викторија Жовем, кои потекнуваат од семејство на родео работници во Ампаро, во внатрешноста на Сао Паоло. Најраните уметнички влијанија ги примаат од нивната мајка, перкусионист, и од татко им, кој бил родео кловн. Живеат и работат во Рио де Жанеиро, каде што ја создаваат сопствената поетика врз судирот меѓу јазикот на танцот, театарот и перформансот. Дуото создава поаѓајќи од телото, но и од прашања наметнати како итни, при што манипулира со слики и знаци со цел да отстапи од хетеронормативната, колонијална логика.

Перформансот трае 40 минути и е наменет за публика постара од 18 години.

На 6 јуни, со почеток во 20:00 часот во Драмскиот театар, во рамки на гостинската програма на фестивалот, а во организација на белградската канцеларија на ХАРТЕФАКТ Фонд, ќе биде изведен перформансот „Без извинување” (No Apologies) на британската наградувана авторка, театарска уметница и изведувачка Ема Френкланд.

Билетите за перформансот се бесплатни со задолжително пријавување на електронската пошта [email protected] со наслов на пораката:
Без извинувања – Регистрација.

Пријавите се отворени до 5 јуни до 20:00 часот.

„Без извинување” нуди радикално погрешно сеќавање за култниот MTV Unplugged концерт на Нирвана од 1993 година. По успешното претставување на Единбуршкиот фестивал во 2025 година, Френкланд тргнува на голема светска турнеја со брилијантното духовито и емотивно моќно шоу. Актуелно и политички остро, „Без извинување” е спектакуларен судир помеѓу театарот и гранџот, автобиографијата и алтернативната историја, испреплетувајќи нишки од поп-културата со митологијата и ритуалите, поттикнато од патот кон полнолетството во деведесеттите на минатиот век. Делото е напишано и изведено од Ема Френкланд, повеќекратно наградувана авторка за театар и телевизија. Со спектакуларна режија на Хари Клејтон Рајт, оригинална музика и анархичен звук на панк композиторот Кир Купер, во продукција на „Marlborough Productions” – национално и меѓународно признати продуценти на квир, интерсекционални перформанси.

Перформансот „Без извинување” трае 90 минути и е препорачан за публика постара од 16 години. Делото е добитник на наградата „Браги” за уметничка извонредност, доделена од Summerhall, како и на наградата „Бестис” за нов текст, доделена од Skinny & Fest. Авторка и изведувачка е Ема Френкланд, во режија на Хари Клејтон-Рајт.

Ема Френкланд е наградувана авторка, театарска уметница и изведувачка, со разиграно, деструктивно и величествено дрско творештво. Во изминатата деценија, Ема се етаблира како истакната и иновативна театарска уметница, чиј фокус е насочен кон прашања поврзани со родовиот идентитет и политички мотивирани перформанси. Збирката од пет соло-перформанси е објавена од издавачката куќа „Methuen” под насловот „Никој од нас сè уште не е робот – Пет перформанси за родовиот идентитет и политиката на транзицијата”, а во 2023 година беше коавтор на адаптацијата на класичната драма „Галатеја” од Џон Лили, изведена во рамки на фестивалот во Брајтон и објавена од Блумсбери.  Нејзините дела се присутни и на меѓународната сцена, во Индонезија, Бразил, на Островот на Желките (Turtle Island) и ширум Обединетото Кралство и Европа. Се претстави и на саемот организиран од Британскиот совет за меѓународна промоција на уметници во 2013 година со анархична адаптација на „Дон Кихот”. Во 2019 година го создаде „We Dig” во кој физички го демолираше култниот театар OvalHouse со екипа составена од транс-жени од целиот свет. Како уметница соработува со Marlborough Productions и има напишано неколку епизоди за култната серија на Канал 4 „Hollyoaks”.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026″ трае до 13 јуни, а се одржува во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.

Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно” предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство. Повеќе за тематската поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026″ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Како и од Фондацијата Хајнрих Бол, Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, International Trans Fund, Global Fund for Women, и IPPF. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.

Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: Локомотива – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, Контрапункт и КРИК – Фестивал за критичка култура, и ТрансФормА. Медимски партнер е феминистичката платформа Медуза.

Back to top button
Close