Платени политички кукли !

Политичката/партиската жабокречина чија реа ја дишеме 30 години, денес ни ги огласува “мирноводските” ликови (риби) да ни кажат дека, “реата е чистиот воздух што ни го нудат и треба да го дишеме”.

Во таа (политичка) жабокречина која полека почнува да пресушува и уште повеќе да смрди, со години се накотија многу животинчиња – сомови капиталци, кленови, змии, жаби, полноглавци, израсна трска за маска и за заштита на сомовите од некој искусен рибар. Никогш не беа проблем рибарите рекреативци, тие фрлаа јадица колку да се фрли и да им помине времето. Искусните рибари беа проблем за сите крупни риби.

Во оваа многу кратка метафора лежи целокупната филозофија на политичките “богојавленија” и “стратешки филозофии” кои за чудо, но и за среќа се јавуваат деновиве со “совети, мудрости, наредби и сл.” И да, интересно е да ги чуеш и да им “видиш памет”.

ДА НЕ СЕ ЛАЖЕМЕ !

Теледиригираната “мудрост” што ни ја обзнанија како наводна грижа за државата, партијата, граѓаните и иднината е само ЛАЖЕН ИЗГОВОР за нивниот КУКАВИЧЛУК и лицемерие.

Интервјуто на Зоран Заев беше само тригер или што би рекла таа “советодавна, разузнавачка и пијарџиска булумента” – “ПОГОДЕН МОМЕНТ или ЗГОДНА ПРИЛИКА” напаѓајќи го политичарот (говорникот) да се нападне целта и “со мудрост и критика” да се минира патот до целта.

Никој, ама никој не може да ме убеди дека реагираа заради навредите што Зоран Заев ги искажал кон македонскиот народ и историјата.

‼ ГИ ЗАБОЛЕ НИВ ЗА ДРЖАВАТА И ЗА НАРОДОТ, И ЗА ПАРТИЈАТА‼

Замислете…, најнавредени излегоа токму оние кои МОЖЕЛЕ, ИМАЛЕ ОБВРСКА и ДОЛЖНОСТ да ги решаваат проблемите на државата години, години наназад ‼

Тие го оддржуваа мочуриштето и смрдеата која накоти сомови кои никој не смее да ги лови, зошто забраната за риболов ја даваа тие, а ќе важи додека не пресуши мочуриштето. Кога сомовите видоа дека ќе останат на суво, ги пуштија рибарите рекреативци да глумат риболов.

Не знам зошто сите тие “дубоко изненаЃени и увреЃени” ликови не реагираа на многу пострашни изјави на “многу поучени” интелектуалци кои беа политичари (риби кои пливаа) и имаа должност да решаваат проблеми кои ги реши генерацијата која ја голташе бедата на транзицијата и приватизацијата.

Можеме сите да му се лутиме на Зоран Заев и сите да го критикуваме, и за тоа што кажал, и за тоа што направил, и за тоа што не направил и за тоа што планира или не планира да направи.

Секој ќе најде “да се фати за нешто”.

Но, мора да се призна дека тој го отвори одводот на мочуриштето кое пресушува и почнува да се прета на суво, а дното е веќе заматено.

За да ја заврши работата како што треба, треба да пушти неколку искусни рибари да ги заловат сомовите капиталци, за да не ги јадат ситните риби и кленови за да преживеат во тињата која им беше природна средина. Тоа за жал, не го направи навреме и токму тие сомови сега му го лулаат чамецот за да падне и да се шири реата. Во меѓувреме, многу рибари рекреативци го полнеа мочуриштето што почна да истекува ….

Доста со метафорава, ајде малку разум.

Зарем мислите дека изборот на овој момент за критика е случаен. Далеку од случаен е.

Секоја разузнавачката операција во својата финална фаза го вклучува целокупниот свој агентурен систем да го спречи остварувањето на стратешката цел на таргетот. За нашата држава и за идните генерации тоа е патот кон Европа без граници.

Таа цел ги решава прашањата за големите држави на Балканот. Но, прашање е дали сите го посакуваат тоа.

Не може некому да пречи реториката за Голема Албанија, а да не пречи реторика за Голема Србија, Голема Бугарија или Голема Македонија.

Во Европа без граници сите ќе бидат ГОЛЕМИ, а најмали ќе останат оние кои овие изблици на патриотизам и “големи реторики и навреди” ги користеле за манипулација со националните чувства на граѓаните во регионот, за одржување на свои мочуришта и свои сомови.

“Мудрите” не се потресуваа многу за сиромаштијата, за стечајците, за безработицата, за сиромаштијата, за младите, за науката, за мирот дома, за етички различните дома, да бегството на патриотите, за криминалот на сомовите …

Тоа било “нормално” !

Но, затоа скокнаа како попарени од интервју, а заборавија илјадниви други многу пострашни кажани и некажани зборови, интервјуа и изјави …

Најинтересни ми се они што вчера се сетија на НОБ, антифашизмот и партизаните, а славеа ликови што во с’ржта ја саботираа ИДЕЈА за слобода и државност.

Се сетија на антифашизмот кога заборавија на фашизмот што го практикуваа и зборуваа, за “гасните комори” и што ли уште не.

Се сетија на антифашизмот кога заборавија на клетвите и омразите што ги посејаа и ги избркаа децата од дома.

Станаа големи Македонци кога заради профит и корупција посредуваа многумина да се пишат Бугари.

АМАН НЕ НЕ’ БРАНЕТЕ ТОЛКУ! ДОСТА Е!

Моите ставови за сите прашања (и повеќе од тоа) за кои актуелно се дебатира се конзистентни, непроменети и ставени на хартија во книги и јавно изнесени.

За овие соседски дебати за многу поголеми аргументи и фактографија добив државна награда за наука од интерес на државата “Гоце Делчев” во 2008 година.

Како дете на стечајци, од работничко семејство имам право и слобода да го кажам секому тоа што го мислам и знам, независно на неговиот авторитет и големина.

Секој носи одговорност за одлуките што ги носи во интерес на државата. Учествував во носењето на сите стратешко важни одлуки од интерес на државата.

Не дозволив да ме понесе никакво его, суета, неправда, омраза …, зошто со годините учев дека ОДЛУКИТЕ не ги носиме само за нас и за сега, туку за генерации, генерации по нас.

Иднината ќе биде судот на одлуките !

Некои генерации носат одлуки и пресушуваат жабокречини во мочуришта, а некои кокетираат и ранат сомови.

Горда сум што не глумев рибар рекреативец и не ме хранеше сом. Во тоа им е проблемот.

Јас ќе ги почекам искусните рибари, другото се виде и ќе биде како што треба, за инат на кленовите и сомовите !

Да живее Република Северна Македонија🇲🇰

Смрт на фашизмот, слобода на народот 🇲🇰

#ЌеСеВидимеВоИднинata

 

Фросина Ременски

Back to top button
Close