Платформата за борба против корупцијата реагира за отсуството на консултации за предлог-законот за реорганизација на министерствата

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира за затворениот и неконсултатитвен процес со засегнатите страни по предлог-законот за измена и дополнување на Законот за организација на работата на органите на државна управа, кој денеска официјално влезе во собраниска процедура.

„Исто така, формирањето на три нови министерства и реорганизацијата на системот на државната управа без претходна длабинска анализа за оправданоста на предлогот е неприфатливо за Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Укажуваме дека ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики“,велат од Платформата во писмената реакција.

Реорганизацијата на државната управа е исклучително важен процес кој, како што потенцираат од Платформата, мора да почива врз принципите на транспарентност, вклученост и претходна подготовка на граѓаните за системските промени што се иницираат.

Реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата следува откако претходно денеска предлог-законот за реорганизација на министерствата официјално влезе во собраниска процедура откако пратениците со мнозинство гласови одобрија тој да се носи по скратена постапка.

Откако доби „зелено светло“ од пратениците да се носи по скратена постапка, законот сега ќе оди на Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија пред повторно да се најде на пленарна седница. За попладне од 18 часот веќе е закажана седница на Комисијата за политички систем на чија единствена точка од дневниот ред ќе се најде предложеното законско решение за реорганизација на министерствата.

Back to top button
Close