По трет пат се отвора „Јавна соба“ на Телеграм
Групите како јавна соба, Гевгелија Хаб и нивните метастази во десетици подгрупи се директна последица на недејствувањето, или само протоколарното делување на институциите МВР и ОЈО и центрите за социјална работа кои наместо да ги заштитат жртвите и да ги санкционираат сторителите се повикуваат на закони кои наводно „им ги врзуваат рацете“.
На социјалната мрежа Телеграм отворена е нова група „Јавна соба“ во која се споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од Македонија.

Групата за еден ден брои 219 членови, а досега се споделени 61 фотографија и 14 видеа.
Скандалот со „Јавна соба“ беше обелоденет минатата година кога фотографии и видеа со девојки, од кои некои малолетни, се споделуваа во групата на социјалната мрежа Телеграм.
Тогаш групата беше затворена, но во јануари годинава повторно беше отворена нова група. ОЈО во месец април по силни реакции во јавноста, поднесе обвинение прототив две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.
Групите како јавна соба, Гевгелија Хаб и нивните метастази во десетици подгрупи се директна последица на недејствувањето, или само протоколарното делување на институциите МВР и ОЈО и центрите за социјална работа кои наместо да ги заштитат жртвите и да ги санкционираат сторителите се повикуваат на закони кои наводно „им ги врзуваат рацете“. Истовремено, во февруари годинава две девојки од Гевгелија излегоа во јавноста и рекоа дека го пријавиле сопственикот на нивните фотографии и седум месеци трпеливо ги чуваат доказите против него, Гевгелиското обвинителство до тогаш ги немаше повикано да дадат исказ. Девојките додадоа дека дури и припадници на локалната полиција си разменуваат фотографии од нив и од други жртви чии лични фотографии се злоупотребени и споделени на јавна група со назив „ГевгелијаХаб“.





