Победата е наша, а поразот само нивен!

Изборното статус-кво во Македонија, коешто со децении главно се сведуваше на судир помеѓу партиската левица и десница во „македонскиот блок“ и трката по „идентитетските“ гласови кај Албанците, почна да се распаѓа уште пред неколку години, а на овие локални избори сосема се растури на парам-парчиња. Не само што – на Балканот, еееј! – доживеавме предизборни мултиетнички коалиции, туку и прононсирани националисти од десниот дел од сцената отворено повикуваа(т) на меѓуетничка соработка како услов за освојување на власта.

Да, имало изборни меѓупартиски етнички дилови и порано, но секогаш „зад затворена врата“, со контроверзни посредници и канали за контакти (по бифеа на меѓуградски бензински пумпи, на пример) што лесно, по потреба, јавно се демантирале, за да се зачува „образот“ на националната и националистичката патетика врз која се темелеле „големите“ партиски математики за победа и пораз на изборите. Почесто таквите „помагања“ и „координации“ се сведувале на договарање меѓуетнички инциденти и провокации, нешто што, памтите, во десетте години на власт на Груевски беше доведено до совршенство во односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Се пресметуваа со навивачки групи, палеа знамиња, тепачки по автобуси, владината „шампита“ ја гаѓаа со зоља, едните дигаа крстови, другите орли од ламарина… На крајот, со дивеењето во онаа кумановска населба и нов меѓуетнички конфликт ќе се произведеше, само за да се остане на власт.

 

Денеска, на таа тема, натпреварот е кој ќе вети повеќе во концептот за „Едно општество за сите“, макар и со разни додавки и корекции и во самото име на тој проект. Сериозните националисти веќе не се ни осмелуваат неопходноста од реалната меѓуетничка соработка јавно да ја доведат во прашање. Кога човек ги слуша лидерите на партиите во чии имиња стојат именките или придавките од „националностите“ на нивната идеологија, жал да го фати за длабоката маргина во која се потонати искрените, националистички, крајни десничари. На пример, еден Тодор Петров веќе не е ни фуснота во предизборните стратегии на разните опскурни „приврзоци“ кај вмровците.

 

Какво време дојде, само Апасиев пискаво ветува сечење раце и глави. На комитските теревенки орелскиот „маникир“ на Љубиша Георгиевски веќе не се ни памти, а се пеат само етнички „коректни“ нумери, како да си на некаква другарска вечер на медицински сестри во Врњачка Бања. Ни на Гоце „Вегета“ не му текна да посоли „Зачинал“, а ќе го враќаше во употреба знамето од Вергина!

 

Денеска, конечно, стана главна политичка мода да се зборува за корупција, за социјален стандард и за функционирање на правната држава, иако добар дел од најгласните критичари на власта на овие теми (со гласна помош на нивните процесни адвокати и партиско-пропагандни канти за тропање) сѐ уште се борат во правните лавиринти за, евентуално, да ја докажат својата невиност. Како со Шарената револуција: разни фејсбук-иверки и манекени денеска арогантно држат лекции по храброст и демократија, иако тогаш нивниот ризик се сведуваше на тоа дали дента на маршевите ќе врне, а чадорот го заборавиле дома. Колкумина собраа храброст пред десетина години да истрчаат како независни кандидати на избори, кога со шепот и во кафеани се спомнуваше Името Негово, а не па да настапат самостојно, по седењето во коалицијата на власт со ВМРО-ДПМНЕ!?

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close