Почетокот на повторенoтo судење за „Таргет-Тврдина“ одложенo за утре.Заборавиле да испратат налог за спровод на обвинет

– Судењето ќе започне утре со воведни говори и испитување на двајца сведоци, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, рече судијата Трпков.
Првото рочиште за повторената постапка беше закажано за денеска откако Апелациониот суд во Скопје лани ја укина пресудата од 2021 година, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја оцени како беспредметна.
Апелациониот суд Скопје, при разгледување на пресудата, констатираше дека првостепениот суд при постапување по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се довела во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.
Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4 286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.
Судскиот процес од првичната постапка започна на 22 декември во 2017 година против 11 лица. Беа одржани 53 рочишта, на кои се сослушаа 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и над 200 оштетени лица.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителот Трајче Пеливанов.






