Почина Нина Спирова, една од најпознатите македонски пејачки на сите времиња
На 82-годишна возраст денеска почина Нина Спирова, една од највпечатливите фигури во современата македонска музика.

Позната најпрво како извонреден интерпретатор на староградска и народна музика, Спирова во 60-те години на минатиот век израснува во една од најголемите ѕвезди на тогашната забавна естрада и ги изведува некои од најпознатите македонски евергрини: „Молчи, молчи љубов моја“, „Езеро мое“, „Еден бакнеж“, „На овој ден“ и многу други.
Низ соработка со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други, Спирова има забележано над 100 композиции, меѓу нив и редица успешни сингл изданија на српскохрватски јазик.
Спирова, родена во Прилеп во 1938 година, ќе остане запаметена како врвен уметник, ненаметлива и скромна личност. Од естрадата целосно се повлече пред повеќе од 35 години, но и со релативно кусата кариера, си обезбеди важно место во македонската музичка историја.
Има снимено сингл плочи на српскохрватски јазик, додека забележителен настап имала на фестивалот „Белградска пролет“ („Београдско пролеће“) во 1964 година, со песната „Бела хризантема“.
Еден од најголемите евергрини кои секогаш ќе нè потсетуваат на Нина е хитот „Еден бакнеж“.






