Подољак: Папата не може да посредува меѓу Киев и Москва бидејќи е проруски настроен
Папата Франциск не може да посредува во војната во Украина бидејќи е проруски настроен, изјави денеска Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, а откако папата Франциск минатата недела се осврна на „големата мајка Русија“ и ги повика младите Руси да учат од своето културно наследство, објави италијанската новинска агенција АНСА.
Коментарот на папата, за кој тој подоцна инсистираше дека е даден во строго културен контекст, го вознемири Киев, кој го обвини Франциск дека ги легитимира минатите и сегашните империјалистички амбиции на Москва.
Подољак, главниот советник на Володомир Зеленски, во долгиот и полемички разговор со новинарката Оксана Харковск, за украинската телевизија Канал 24, рече: „Папата не може да игра улога на посредник, тој е проруски настроен и не е доверлив“.
Според него, поради оваа причина Киев ја исклучува можноста за посредување на Ватикан за решавање на воениот конфликт, кој се води на украинска територија откако Русија нападна на 24 февруари 2022 година. Подољак навести и за постоење на руски инвестиции во Институтот за религиозни прашања, познат и како „Ватиканска банка“.