Полицијата го префрли Рашковски во куќен притвор

Рашковски нудеше и гаранција од 500 000 евра за да излезе на слобода, но судиите не ја разгледувале затоа што процениле дека покрај опасноста од бегство, сè уште постои и опасноста тој да влијае на сведоците и на истрагата

Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, пристигнал на адресата каде ќе ја издржува мерката куќен притвор. Според информациите на „360 степени“, полициски службеници од Аеродром предмалку го транспортирале од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари до неговиот дом.

Одлуката да му се замени ефективниот со куќен притвор денеска ја донесе Апелацискиот суд во Скопје.

За да се брани од слобода и доказ дека нема да избега, Рашковски нудеше и гаранција од 500 000 евра, но судиите не ја разгледувале затоа што процениле дека покрај опасноста од бегство, сè уште постои и опасноста тој да влијае на сведоците и на истрагата.

Инаку, како што е веќе познато, Вишото обвинителство претходно се согласи да биде прифатена гаранцијата и ексгенералниот секретар да се брани од слобода, но Апелација, која го има последниот збор, одлучи да опстои притворот со тоа што го замени од ефективен во куќен.

Рашковски се гони во истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека како генерален секретар за околу 81 000 евра купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци кој ниту некој му го барал ниту, пак, некој го користи

Покрај оваа, обвинителството отвори уште една истрага за злоупотреба од ексгенералниот секретар на владата која се однесува на уште еден тендер и на тоа дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.

Back to top button
Close