Полициски хеликоптер и „ертрактор“ помагаат во гаснење на пожарите кај Пиперово и Гумалево

Еден полициски хеликоптер и еден „ертрактор” на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) помагаат во гаснење на пожарите во Штипско и Зелениково, откако била побарана воздушна поддршка. Како што соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), станува збор за шумски пожари, едниот во атарот на штипското село Пиперово, а другиот пожар во селото Гумалево, општина Зелениково.

„Ертракторот“ на ДЗС дејствуваше повеќе пати врз шумскиот пожар во Гумалево и во делови огнот е изгаснат, соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

„Пожарот е изгаснат во деловите со трева и грмушки, но е навлезен во висока шума. Дејството на ’ертракторот’ е одлично, со секое фрлање вода измешана со специјална противпожарна смеса значително ја намалува силината на огнот. Доколку пожарот не го изгасат пред стемнување, рано наутро ќе се изврши проценка и ќе се договори нова тактика како да се продолжи со гаснење“вели Ангелов.

Пожарот кај Пиперово, како што наведуваат од ЦУК, претходно се прошири и кон свињарска фарма, а на терен во гаснењето учествуваа и штипските пожарникари кои се бореа со огнените јазици, пренесе МИА.

„На терен сме 15 пожарникари со четири противпожарни возила“изјави за МИА Дарко Коцев, командир на ТППЕ-Штип.

Во меѓувреме, хеликоптерот успешно дејствува врз пожарот во штипско Пиперово, но огнот, меѓу другото, се движи во насока на Општина Конче, вели Ангелов. Бидејки пожарот е во близина на браната Мантово, како што посочи Ангелов, хеликоптерот на МВР направил повеќе успешни и прецизни налети.

Back to top button
Close