Политичкото клатно почнува да го менува правецот

Погледајте го овој ироничен сплет на околности: така се погоди што идниот викенд, на 12 декември, владејачката СДСМ на општи партиски избори ќе го бира својот нов претседател меѓу три потентни кандидати; додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ на конгрес како оние од најубавите времиња на „демократскиот централизам“, едногласно ќе го назначи Христијан Мицкоски повторно за свој партиски претседател. Што ти е демократија…

А, не толку одамна, политичката судбина на Мицкоски висеше „на конец“, предизвикана од незадоволството на неколку заговорнички фракции во неговата партија, од истите оние кои сега масовно се туркаат околу неговото лидерско здолниште да бидат примени назад во партиската номенклатура. На Заев, пак, пред неполна година кариерата му изгледаше издлабена во „каменот на вечноста“, а денеска тој е на сигурен пат – што повеќе личи на лизгава и тесна планинска врвица – засекогаш, по сопствен избор, да замине во македонската политичка историја.

Една пандемија и една евро-бугарска блокада чуда направија.

Оваа политичка лекција е вечна: трендовите се менуваат додека кажеш „пиксла“, она што неделава делува сигурно, за некој месец може да се претвори во фатаморгана, и обратно. Ајде малку за обратното…

Ете, на пример, пандемијата. Најавите се толку контрадикторни,како небо и земја! Еден нов сој роден во некој далечен агол на земјината топка, тргнат да го покори светот, може да ја продлабочи неизвесноста што и така болно ја растури илузијата во која сите живеевме угодно занишани во релативната сигурност на современата медицина. Но, наеднаш, спротивните прогнози се дека токму тој брзоширечки сој самиот ќе ја „исцрпи“, ќе ја задуши смртоносната заразност на вирусот до мера да не останат незаразени (и невакцинирани) луѓе, а со тоа да се предизвика крај на пандемијата.

Истото важи и за евро-бугарската блокада: ако се слуша возбудата со која Мицкоски ја коментира можната брза разврска за формалното отпочнување на преговорите за нашата евро-интеграција – откако долго предвидуваше дека за договор нема никакви шанси, наеднаш викендов изјави дека тој нема да признае никакво решение постигнато меѓу Софија и Скопје со оваа Македонска влада – изгледа како шансите за тоа навистина да се зголемуваат. Тоа го објаснува брзањето на опозицијата за одење на итни вонредни избори, ем да го оневозможат таквиот расплет додека тие не дојдат на власт (што е жално само по себе), ем таквата разрешница пост-изборно да си ја припишат како заслуга за себе. Иако, објективно, со прст не мрднаа за таков поволен расплет на блокадата

 

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close