Полска гарантира дека нема да го уапси Нетанјаху ако дојде на годишнина во Аушвиц

Полскиот премиер Доналд Туск денеска соопшти дека Полска нема да го изврши налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку тој одлучи да дојде во Аушвиц на 27 јануари за да ја одбележи 80-годишнината од ослободувањето на најголемиот логор на смртта во светот создаден од германските нацисти за време на Втората светска војна во окупирана Полска.

– Прашањето е чувствително. Од една страна, тука е одлуката на меѓународниот суд, а од друга, очигледно ми е дека претседателот или премиерот на Израел мора да имаат целосно право да се чувствуваат безбедно при посетата на поранешниот логор Аушвиц, изјави денеска полскиот премиер.

 

Туск пред неколку дена побара од министрите за правда и за надворешни работи да подготват посебна декларација од полската влада со која ги уверува највисоките претставници на Израел дека полската влада ќе го гарантира нивното слободно и безбедно пристигнување и учество во комеморацијата за жртвите на холокаустот.

 

Локалните медиуми денеска јавија дека полскиот претседател Анджеј Дуда испратил писмо до премиерот Туск во кое бара да се земат предвид вонредните околности, поточно 80-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау и да му се дадат гаранции на израелскиот премиер дека нема да биде уапсен, како што побара Меѓународниот кривичен суд во Хаг под обвинение за злосторства против човештвото за време на нападите на Израел врз Газа.

Полските власти очекуваа израелската делегација да биде предводена од еден од израелските министри, најверојатно министерот за образование, додека самиот музеј на поранешниот германски концентрационен логор Аушвиц Биркенау соопшти дека испраќа покани само до преживеаните затвореници во логорот и само ги известува владите преку амбасадите доколку сакаат да испратат државна делегација.

Оваа година Русија не доби вакво известување поради агресијата врз Украина, иако на 27 јануари 1945 година војниците на Црвената армија го ослободија германскиот логор во јужна Полска, каде за време на Втората светска војна загинаа околу 1,1 милион луѓе, главно Евреи, но и Роми, Синти, советски воени затвореници, Полјаци и други народи од Европа.

Back to top button
Close