Помпео: Хонг Конг не е веќе голем финансиски центар

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека Хонг Конг повеќе нема квалитети да биде посебно третиран во американскиот закон, што може да нанесе силен удар врз неговиот статус како голем финансиски центар.

Тој пред американскиот Конгрес изјави дека предлог законот за безбедност е „последен во низата акции“ со што се поткопува слободата на Хонг Конг.

– Ниту еден разумен човек не може да тврди дека Хонг Конг го задржува високиот степен на автономија во однос на ина, имајќи ги во предвид фактите на терен, посочи Помпео.

Националниот народен конгрес на Кина денеска го изгласа Законот за национална безбедност, според кој поткопувањето на авторитетот на Пекинг во полуавтономната територија Хонг Конг е злосторство.

За предлог законот гласаа 2.878 пратеници , еден се изјасни „против“, а шестмина се воздржаа од гласање.

Со предлог законот се криминлизира сецесијата, субверзијата, тероризмот и странското мешање во Хонг Конг. Исто така, Пекинг ќе има свои агенции за спроведување на законот во Хонг Конг, покрај градските агенции.

Предлог-законот ќе биде испратен на одобрување до Постојаниот комитет на Комунистичката партија на Кина.

Поради предлог-законот вчера во Хонг Конг беа организирани протести, а полицијата употреби солзавец у уапси 360 демонстранти.

Додека денеска околу Законодавниот совет на Хонг Конг е распоредена полиција, а пратениците ќе дебатираат за предлог-законот, со кој се криминализира непочитувањето на кинеската државна химна. Демонстрантите бараат независност од Кина со образложение дека „тоа сега е единствен излез“.

Back to top button
Close