Помпео

 

Пишува :Ѓорги Мисајловски

Американските државни секретари регионов го посетуваат во кризни или осетливи по безбедноста ситуации. Тие посети се секогаш во вид на турнеи во регионов. Пред речиси дваесет години таков карактер имаше посетата на тогашниот државен секретар К.Пауел во 2001. Причината е позната. Дваесет години потоа, сегашниот државен секретар М.Помпео го посети регионов и не ја заобиколи Република Македонија (октомвеи 2019). Причините ,исто така, се познати. Ние таа посета ја книживме како официјална, пред се поради  поддршката за приемот во НАТО. Посетите на државните секретари на САД, секогаш имаат сериозен повод и носат јасни пораки. Со таа цел, актуелниот државен секретар Помпео минатата недела беше во Солун на Конференцијата под наслов “Регионална енергетска безбедност и соработка”. Всушност главната цел беше средбата со грчкиот  министер за надворешни работи, Н. Дендиас, со кој прозборија и за регионот на Западен Балкан, се разбира и за НАТО (Помпео ја завршил воената академија Вест Поинт,како прв во ранг), безбедноста (шеф на ЦИА 2017-2018) и Медитеранот (енергетски проблем меѓу Грција и Турција) на кој се надодаде и кавкаскиот проблем на закрвените соседи. Престојот на Помпео во Солун е и дел од предизборна кампања на републиканците,кои се надеваат дека ќе останат на  власт и наредните четири години. Нашата нова влада е во состојба на кадровско превирање и преструктурирање. Картите се измешани и протагонистите се впрегнати во нови предизвици. Не би сакале ова коронарна зима да биде и политичка зима на нашето незадоволство (Штајнбек). И во Солун на наведената Конференција испративме  забележителна по бројот делегација, составена од двајца вице-премиери и еден министер. Помпео можеа да го видат само на терасата од која се пружаше погледот на Акропол и ништо повеќе. Во недостаток на контакти со американската дипломатија,  немање на наш амбасадор со години во Вашингтон, ова беше добра прилика, за куса одвоена средба  на наш соодветен соговорник со државниот секретар Помпео. Ве потсетувам, ценети читатели дека сме можеби единствена држава која во МНР нема ткн Штаб за планирање, или сектор за планирање, во кој меѓу останатото би се планирале и синхронизирале средбите на нашите званичници. Да го имавме ќе се избегнеа непотребните удвојувања или изоставувања на значајните настани. Можеби тоа беше шанса за огнено крстување на новата заменичка министер за надворешни работи, која имаше шанса да после две недели во МНР, се сретне со американскиот државен секретар. Каков  почетокот би бил  на една настапувачка  дипломатска кариера.

Се разбира дека сегашниот наш МНР, Б. Османи и поранешниот, сега унапреден во вице-премиер за ЕУ прашања, имале свои, веројатно усогласени агенди. Прв во Брисел се отисна  вице-премиерот Димитров, а пет дена потоа и министерот Османи. Престојот на Османи и Димитров во Брисел  покажа дека  сеуште не е дефинирана  институционалната рамка на дипломатското делување, односно докаде се надлежностите на МНР и од  каде започнуваат оние на Секторот за европски прашања. Тоа може да доведе до непотребна конфузија, посебно ако се имаат предви нескриените  фројдовски желби да доминираат во секторот на надворешна политика. И тоа не е се. Во желбата за водење на атрактивниот сектор-надворешни работи има најмалку уште два кандидати на високи политички  позиции. Истите сооговорници во Брисел на Османи и Димитров и основаната цел одржување на првата меѓувладина конференција, а со тоа и отворање на преговарачкиот процес, наведува дека поефикасно ќе беше двајцата наши званичници да заминат за Брисел, ако веќе не се договориле да ни Париз не е далеко. Нема што повеќе да се лобира. Се е јасно. Се ни е кажано. Треба да сме спокојни доколку сме подготвени  да презентираме резултати. Всушност со Комисијата на ЕУ нема преговори. Има само  оценување на исполнувањето на содржината на  преговарачките точки. Денес вице-премиерот ќе претстојува во работна посета на Германија, прва од како е на новата функција. Но, централна личност е државниот министер во   министерството за надворешни работи надлежен за ЕУ прашањата, шармантниот М.Рот, со кого се сретна во Брисел пред осум дена. Останатите соговорници сугерираат дека Павловиот условен рефлекс важи и во дипломатијата. Па затоа Димитров ќе се сретне со главниот советник за надворешна и безбедоносна политика на канцеларката А. Меркел, Ј.Хекер, со советникот за надворешна политика на сојузниот претседател Штајнмајер,Т. Багер, со директорката за Југоисточна Европа,Турција и државите на ЕФТА, во германското Auswaertiges Amt, С.Шулц , со што се потврдува изнесената теза дека институционално не се дефинирани надлежностите, што кај нас не е ни ништо ново. Така едно време беше преплетување на надлежностите на МНР и Министерството за одбрана во процесот на приемот во НАТО. По инерција, вице-премиерот за ЕУ прашања продолжува со дипломатските активности со дипломатскиот кор во Скопје, што секако треба да е усогласено со активностите на министерот Османи. Од друга страна агендата на средбите министерот Османи,беше преширока и макар што претстојуваше два дена во Брисел. Требаше повеќе да се концетрира на ситуацијата во регионот на Западниот Балкан, посебно на односите со соседите и за судбината на дистрибуираната бугарска Декларација, со оглед дека вице-премиерот Димитров имаше шанса детално да зборува за европското досие.

Вице-премиерот Димитров и министерот Османи се во многу чувствителна ситуација и околу идните надлежности кога ќе започнатат преговорите со ЕУ. Сегашниот главен преговарач со ЕУ Мариџиќ е министер за правда. Двете функции не се компатабилни, макар што владењето на правото за нас а и за ЕУ ќе биде најтешко прашања. Шефови на преговарачките тимови на “новите” членки на ЕУ не биле министри за надворешни работи. Во секој случај биле експерти, а не само координатори. Поради тоа битно е презцирирање на надлежностите, а посебно на оние највисоките. Имено, кој ќе не претставува  на конференциите во највисоките гремиуми на ЕУ, претседателот на државата или премиерот. И тука треба да ја покажеме потребната кохабитација, што мислам дека  нема да биде проблем. Пак од познати причини.

Да се вратам пак на насловот.Традиционално ние не ги користиме стекнатите пријателства со влијателните актуелни дипломати, како и оние кои биле амбасадори во РМ. Поради државниот секретар Помпео, сега се повикувам на  Ф.Рикер, сегашниот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања како и на поранешниот амбасадор К.Хил.

Да наведам дека недоволно комуницираме и со М.Палмер, специјален претставник во Foreign Office за Западен Балкан. Прашање за милион долара е дали  нашиот амбасадор во Берлин,макар во пристапна посета, се сретнал  со  поранешниот американски амбасадор Р.Гренел, кој сега е специјален пратеник на претседателот Д. Трамп за односите меѓу Белград и Приштина и привремени шеф на ЦИА. Ние брзо ги забораваме заслужните странски дипломати. Па така го заборавивме  германскиот амбасадор  Ханс Лотар Штепан, кој напиша книга (толку токму сека актуелна) за нашата голгота, потоа Х.Сокалски, полскиот  амбасадор кој исто така напиша афирмативна книга на мисијата на УНПРЕДЕП во РМ. Затоа во Солун требаше да не претставува соодветен дипломатски ранг. Наместо дуплирање на две економски функции (вице-премиер и министер) требаше да се најде и еден високо рангиран дипломат. Пропаднатиот наш кандидат за ген. секретар на ОН никогаш не би пропуштил ваква можност.

30.09.2020

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close