Попетревски- Што пишува, а што не пишува во Вториот протокол
Во правото, дипломатијата и меѓународните односи зборовите не се украс. Тие се суштина. Не е исто дали некој „се согласува“, „се обврзува“, „гарантира“, „прифаќа“, „ќе спроведе“, или, пак, „поддржува“ и „охрабрува“

автор: Васко Попетревски
Му благодарам на колегата Бранко Героски што со својот текст „Нема погрешни интерпретации на Вториот протокол, претседателке Силјановска Давкова, сè е јасно како бел ден“ (по интервјуто на шефицата на државата за емисијата „360 степени“ на МРТ 1), ја продолжува јавната дебата за Вториот протокол меѓу Македонија и Бугарија од јули 2022 година. Подобро доцна отколку никогаш.
Всушност, токму тоа е една од слабостите на македонската јавна сцена во летото 2022 година. Наместо да се отвори широка и детална расправа за содржината на документите што произлегоа од тогашниот договор и Преговарачката рамка, доминираа политички позиции, навивачки толкувања и однапред формирани заклучоци. Во таква атмосфера, многу малку луѓе навистина ги читаа документите, а уште помалку се обидуваа да ги анализираат пасус по пасус, реченица по реченица.
Токму затоа е корисно што четири години подоцна повторно разговараме за нив. Не затоа што ќе се согласиме за сè, туку затоа што сериозните државни прашања заслужуваат сериозна анализа. Почетниот проблем е што во обидот да се докаже дека нема „погрешни интерпретации“ на Вториот протокол, се прави интерпретација која не произлегува од текстот на документот.
Поддршка и охрабрување наспроти обврска
Клучната реченица на несогласување гласи: „Двете држави ја поддржуваат и ја охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со член 8 став 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ.“
Според колегата Героски и според многу други, ова е доволно јасно и значи дека Комисијата мора да ја заврши работата, а државите (Македонија и Бугарија) мора да ги спроведат резултатите. Но, текстот не го кажува тоа. Во правото, дипломатијата и меѓународните односи зборовите не се украс. Тие се суштина. Не е исто дали некој „се согласува“, „се обврзува“, „гарантира“, „прифаќа“, „ќе спроведе“, или, пак, „поддржува“ и „охрабрува“.
Да почнеме од наједноставното. Според речничкото значење, да се „поддржи“ значи да се помогне, да се даде поткрепа или поддршка на нечие дејствување. Да се „охрабри“ значи да се поттикне, да се мотивира или да се даде дополнителен стимул некој да продолжи со одредена активност.
Но, ниту еден од овие глаголи не значи „да се наложи“, „да се нареди“ или „да се обврзе“. На пример, секојдневно меѓународни претставници ја охрабруваат власта да го преземе следниот чекор и да го продолжи пристапниот процес за Македонија да стане членка на Европската Унија. Дали тоа охрабрување произведува правна последица?
Всушност, во самиот Протокол постои уште подобар пример за тоа. Кога станува збор за уставните измени, формулацијата гласи: „Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција … да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот…“ Ова е јазик на преземање обврска. Ова е јазик што создава последица.
Во делот за историската комисија не стои дека двете држави ќе наложат завршување на работата. Не стои дека Комисијата е должна да ги заврши сите периоди до одреден рок. Не стои ни дека владите ќе ѝ диктираат заклучоци. Стои дека ја поддржуваат и ја охрабруваат. Разликата не е семантичка финеса. Таа е суштинска.
Особено затоа што историската комисија не е владино тело составено од политичари, туку експертско тело составено од научници со свој интегритет. Во демократски систем, владите можат да создаваат услови за работа на историчарите, можат да ги поддржуваат или да ги охрабруваат, но не можат да им налагаат научни заклучоци. Затоа текстот на Протоколот оди по една тенка линија: од една страна, да покаже политичка волја процесот да продолжи, а од друга, да не премине во експлицитно наложување на научни резултати. И, впрочем, зошто би стравувале од заклучоците до кои би стигнале научниците во историската комисија кога до заклучок не може да се дојде ако макар еден од нив, независно од која страна – македонска или бугарска – не се согласи со тоа? А ако нема заклучок, не може да има ни негово спроведување.
Како се стигна до поддршка и охрабрување
За да се разбере зошто оваа формулација (за поддршка и охрабрување) е важна, треба да се вратиме неколку години наназад. Во 2019 година бугарската влада усвои Рамковна позиција за европската интеграција на Северна Македонија, а бугарското Народно собрание ја потврди со посебна декларација.
Целата анализа на Попетревски ТУКА






