Попис за етничка хомогенизација на Ахмети

ЕУ го поздрави пописот во Македонија како големо дотигнување со обновени податоци за населението, меѓу другото и за планирање и имплементирање на соодветна демографска политика во државата. Доколку тоа би се протолкувало преку вокабуларот што го користи Али Ахмети за да ги објасни суштинските иницијативи на неговата ДУИ, тогаш заклучокот, малку парафразиран, би можел да биде „дека е дојдено време да се постави уште еден од последниот камења во ѕидовите на тврдината“, со цел да се острани етничката хомогенизација и да им стави крај на предрасудите.

Да се отстрани. Или всушност да се продлабочи. Европската комисија, која вообичаено премолчено ги следи и на дистанца ги набљудува заострувањата на меѓуетничките тензии, никаде не објасни каде тоа во ЕУ се врши пописно етничко регистрирање на иселениците, вклучувајќи ги во таквата „статистичка операција“ и оние што со години, или со децении, не живеат во своите матични земји. Не слушнавме од портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, на каков начин таквите податоци се суштински за водење на „политики за бенефит на сите граѓани“?

 

За Али Ахмети и неговото искривено сфаќање на етничката хомогенизација и предрасудите, нема никакви дилеми што би произлегле од презентираните пописни резултати. Колку повеќе попишани Албанци, толку повеќе се зголемува нивната застапеност во државните институции, смета тој, објаснувајќи ја својата пописна математика. За останатите, набројани таксативно во преамбулата на Уставот, нека се грижат други. Секој за своите во мултиетничкото „функционално“ општество,  е суштината што произлегува од пописната порака на Ахмети, чија партија, ДУИ, повеќе две децении се труди да остави привид дека навистина се залага за прогрес, соживот и интеграција во државата, но пред сè преку секојдневно јакнење на правата и влијанието на албанското малцинство во сите сфери од општественото живеење.

Македонските политички лидери често се обидуваат да ја убедат јавноста дека специфичните решенија врз кои се потпира мултиетничноста на македонското општествено уредување би можеле да бидат пример пошироко во Европа, иако останува недоволно јасно за какви исклучително успешни придобивки станува збор. Сите дискусии на оваа тема завршуваат со заклучок дека не смее да се дозволи оспорување на загарантираната процентуална застапеност на етничките заедници (пред сè, на Албанците). Инаку ништо од развојот и стабилноста на државата.

Но од пораката на Ахмети сепак една констатација посебно боде очи. „Дијаспората, – според негово видување, – преку пописот ќе биде голем и директен придонесувач за растот на бројот на Албанците во Република Северна Македонија“. Значи ли тоа дека процентуалната застапеност, онаква каква што се посакува за непречено функционирање на „мултиетничката“ општинска и државна администрација, и на Законот за употреба на јазиците, ќе се загарантира на таков начин што непознатите во равенката на процентуалното пребројување ќе се пополнат се „ревносното и дисциплинирано“ (само)попишување на нерезидентите?

Европската комисија вообичаено само поздравува и дава поддршка, но ништо не коментира и не објаснува. Каде гледа Брисел „големо достигнување“ што треба да овозможи развојно ориентирана статистика и нови развојни политики во државата, така што како пописен резултат за „уште поголемо зголемување на застапеноста на Албанците во државните институции“ ќе се сметаат и иселеници кои веќе три или четири децении живеат и работат, на пример, во Швајцарија, Данска или Норвешка?

Значи ли тоа дека, според бескрупулозната логика на Ахмети, и другите етнички заедници во Македонија, вклучувајќи го и мнозинското македонско население, долгорочниот одржлив развој, инфраструктурата, вработувањата, здравството и образованието, ќе треба да се проејктираат и врз база на пописни податоци за домаќинства во дијаспората, кои со тој развој веќе од поодамна немаат никакви посебни допирни точки.

Чудни се таквите „европски“ критериуми, преку кои Апостол Симовски го толкува „враќањето на вербата во институциите на државата“. Со тоа враќање на вербата сега треба да бидат опфатени и нерезидентите. Но вистината е сосема поинаква, без оглед кој колку сака да ги затвори очите пред неа. Меѓу македонската дијаспора, која се брои со стотици илјади, без оглед на бесмисленото пописно етничко пребројување, е огромен бројот на оние што имаат двојно државјанство. Одамна се попишани и како граѓани на други земји, а учествуваат и изборите во нивните „нови“ земји, па и на изборите за Европскиот парламент. Контактот со Македонија мошне често е само мала трошка што е останата како носталгичен трепет од „родната грутка“.

Македонските пензионери од западните земји донекаде ќе го одржуваат тој контакт, повторно барем како привид. Половина година назад во татковината, со пензиичката која и те како обезбедува солиден живот, а потоа назад кај децата и внуците во земјите во кои како „привремено“ иселени го поминале својот работен век, и во кои нивните потомци ја градат својата животна перспектива. Асимилацијата е незапирлив процес во подолгорочна перспектива, особено ако татковината не знае, или пак не умее да понуди нешто што би можело да се сфати и прифати како–каква таква алтернатива. Етничката хомогенизација не е секогаш „шеќерлема“ на која тешеко може да ù се одолее.

66 проценти попишани нерезиденти Албанци и 24 проценти Македонци. „Тивок бојкот“ во дијаспората, или пак „бенефит за сите граѓани“ (според Брисел). Се чини дека едно нешто е сигурно. Тоа општество што избира да го истакне етницитетот како критериум, ја отвора вратата за политика што се базира врз идентитет. И тоа пред сé со јакнење и спротивставување на етничките идентитети и нивните интереси, наспроти излитените фрази за изградба на „едно општество за сите“.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close