Поплавите не ги обединија политичарите во БиХ, Додик одбива да се прогласи Ден на жалост на национално ниво

И покрај катастрофалните поплави во кои загинаа најмалку 16 лица, политичарите во БиХ не можат да се договорат кој треба да прогласи ден на жалост.

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик изјави дека му е жал за луѓето кои загинаа во поплавите во БиХ или останаа без имот, но ја отфрли можноста во земјата да се прогласи ден на жалост.

Тој смета дека државата нема никаква врска со прогласување ден на жалост и дека такви одлуки можат да носат само ентитетите.

– Советот на министри на Босна и Херцеговина не е овластен да го стори тоа и нема да донесе таква одлука, но тоа ќе го сторат владите на Федерацијата Босна и Херцеговина и РС, изјави Додик за новинарите во Бања Лука.

Министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, кој доаѓа од РС, изјави дека би поддржал одлука за прогласување на ден на жалост, но според него, одлуката е во рацете на ентитетите.

Back to top button
Close