Поплавите во Централна Европа продолжуваат, досега се загинати 21 лице

Најмалку 21 лице е загинато во поплавите кои изминатите денови зафатија неколку земји во Европа.

Бурата „Борис“ во делови од Австрија, Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Словачка потопи цели населби и принуди стотици илјади луѓе да се евакуираат.

Седум лица се загинати во Романија, шест во Полска, пет во Австрија и три во Чешка, а неколку се водат како исчезнати. Во некои области врнежите се намалуваат, но во други нивото на водата се очекува да го достигне врвот во наредните денови.

Надојдениот Дунав стигна до Словачка, а за неа се подготвуваат и во Унгарија, особено во Будимпешта, каде армијата е веќе на терен.

Словачкиот министер за животна средина Томаш Тараба вели дека нивото на водата на Дунав во текот на ноќта достигнало близу 10 метри и дека нема така лесно да се спушти. Тој рече дека штетите од поплавите низ државата се проценуваат на околу 20 милиони евра.

Во Полска, градоначалникот на Вроцлав, Јацек Сутрик, рече дека автобусите биле подготвени за евакуација.

„Денес, исто така, дополнително ќе ги зајакнеме насипите во сливот на реката Одра која се очекува да го достигне врвот во петок, или можеби порано“,рече тој.

Зоолошката градина во Вроцлав, покрај реката, апелираше до волонтери да полнат вреќи со песок за да се заштитат животните.

Во градовите Вишеград и Зентендре, северно од Будимпешта, властите поставија мобилни брани за да ги ограничат поплавите од Дунав. Будимпешта се подготвува за рекордно ниво на вода и го затвори островот Маргарет, одморалиште со хотели и ресторани.

Во Полска, во текот на ноќта, волонтери и спасувачи ределе вреќи со песок за да изградат пробиен насип околу Ниса, југозападен полски град со повеќе од 40 000 жители.

Во Чешка, гувернерот Јозеф Белица изјави дека 15 000 луѓе се евакуирани во моравско-шлезискиот регион на североистокот на земјата, кој е тешко погоден од поплави и оти хеликоптери доставуваат помош во областите отсечени од поплавите.

Според Белица, штетата само во неговиот регион ќе изнесува десетици милијарди чешки круни.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close