Поради магла намалена видливост од 20 до 30 метри на патниот правец Маврово – Бунец
Од Јавното претпријатие „Македонијапат“ вечерва информираат за намалена видливост поради појава на магла од 20 до 30 метри на патниот правец – крак Маврово – Бунец.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози на повисоките и претежно суви коловози на пониските места. Сите патни правци во државата се проодни без забрани и ограничувања. ЈП „Македонијапат“ со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучено во расчистување на патиштата по обилните врнежи во западните и источните предели, потенцираат од претпријатието.
Исто така, додаваат, на располагање се и фирмите со кои соработуваат, како навремено би се справиле со снежните наноси. На одредени патни правци што поминуват низ клисури и усеци, можна била појава на поситни одрони.
Од ова претпријатие апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.