Поранешниот албански премиер Нано во тешка здравствена состојба, реагира Рама доделувајќи му одликување

Рама објави дека му се доделува орден за јавно признание на поранешниот премиер Нано, кој со денови е хоспитализиран во приватна клиника во Тирана, во тешка здравствена состојба.

„Се молам за Фатос Нано. Во овие тешки часови на борбата за живот, историскиот лидер на Социјалистичката партија и човекот кој неправедното страдање од лишувањето од слобода го претвори во извор на либерален дух во лидерството, во време кога Албанија се соочи со дивата грдотија на политички конфликт поттикнат од духот на одмаздата, незнаењето, темнината и безграничната жестокост на големиот историски скок, од екстремната комунистичка изолација до демократијата како огромно искушение, во земја изгорена од огнот и железото на последователните империи и режими, од осамостојувањето на Албанија, каде што институционалниот статус на државата никогаш не можеше да порасне и каде слободата што дојде со бесот на народниот гнев ја донесе со себе светлината на иднината и страшните рани од уништувањето на многу нешта во име на борбата за демократија, ги заслужува нашите молитви денес и нашата благодарност за сето добро што можеше да и го даде на земјата и општеството во тешките улоги што ги имаше во текот на неговата кариера со напорни подеми и падови, напиша Рама на Фејсбук.

Нано бил хоспитализиран откако имал проблеми со дишењето, тој е на интензивна нега, интубиран, а познато е дека боледува од дијабетес и цироза на црниот дроб.

На 16 септември, Нано ќе наполни 71 година. Премиер на Албанија бил во три мандати 22 февруари 1991 до 5 јуни 1991, 24 јули 1997 до 2 октомври 1998 и од 31 јули 2002 до 11 септември 2005.

По објавувањето на веста реагираше и познатиот албански адвокат и ексминистер за правда Спартак Нѓела, кој апелира „доколку неговата состојба е сериозна и има потреба од лекување, Социјалистичката партија треба што поскоро да покаже интерес за неговото лекување“.

Нѓела наведува дека Нано е „посебна личност во политичката историја на Албанија“.

Back to top button
Close