Потврден 30-дневниот притвор за Палевски

Кривичниот суд во Скопје денеска го потврди 30-дневниот притвор за Љупчо Палевски, првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, кој за првпат беше изведен пред судија во претходна постапка по пристигнувањето од Турција, од каде беше екстрадиран во средината на мај, за да се изјасни за притворот кој му беше одреден во негово отсуство.

Додека полицијата врзан и со наведната глава го спроведуваше до скопскиот кривичен суд, тој на новинарите им дофрли дека не е во бегство, а на прашањето дали ги извршил убиствата и дали ќе се брани со молчење одговори „не“.

Во судското соопштение се наведува дека „осомничениот за двојното убиство во Скопје и во Велес во ноември минатата година, Љ.П., кој на 15 мај беше екстрадиран од Турција, по наредба на судија за претходна постапка е донесен во Основниот кривичен суд Скопје да се изјасни во врска со мерката притвор определена во негово отсуство по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје“.

„По исказот на осомничениот во присуство на бранител по службена должност, судијата за претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, кој започнува од денот на приемот во Истражниот затвор Скопје“, стои во соопштението.

Се прецизира дека на Палевски му е одреден притвор затоа што „постојат околности дека може да избега, да се меша во првичната постапка со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“.

Против одлуката на Кривичниот суд во Скопје за одредување притвор на Палевски, осомничениот и обвинителството имаат право на жалба пред Кривичниот совет на тој суд.

Љупчо Палевски, првоосомничениот за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панчо Жежовски, на крајот на ноември, беше уапсен на 5 декември минатата година во градот Баликесир во Турција, каде што пристигна преку Белград и Бугарија.

Палевски беше уапсен во Турција по распишаната меѓународна потерница од трсана на македонските власти а на 15 мај беше екстрадиран во Скопје.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close