Повик за продуценти/автори на документарен филм за учество на онлајн-форум

Во рамките на 11. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, ќе се одржи вториот форум МакеКоПроДокс (MakeCoProDox Forum 2020), овојпат онлајн поради пандемијата. „Македокс“ го организира форумот заедно со Агенцијата за филм и Креативна Европа Медиа Деск МК и отвори повик за учество на форумот кој ќе се одржува на 5, 6, 21, 24 и 25 август и 21 септември.

„Македокс“ соопшти дека ќе ги покани клучните личности од документарната филмска индустрија од целиот свет, ќе ги претстави можните начини на соработка и ќе се обиде да направи долгорочна соработка помеѓу филмските агенции од регионот. Целта со овој проект е првпат да се воспостави нов сектор на алијанса на Балканот, како единствен начин да се амортизираат последиците од кризата.

-Целта на форумот  е да развие стратешки план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот. На форумот ќе присуствуваат претставници од 12 регионални филмски агенции, три скандинавски филмски агенции и 10 проекти во финална фаза на продукција, соопшти „Македокс“, нагласувајќи дека во криза културата и филмската индустрија се најпогодени од намалувањето на буџетите и дека во ситуација кога средствата се помалку само преку солидарно дејствување и зголемување на регионалните копродукции, балканските земји можат да го зголемат бројот на финансирани проекти.

Модератори на форумот ќе бидат Бриџид О’Шеа од Документарна асоцијација на Европа и координатор на „Док Индустри“ на „Док Лајпциг“, и Хеле Хансен, комесар за документарни филмови од Норвешкииот филмски институт.

Во рамки на онлајн-сесиите ќе бидат претставени проблемите со кои се соочуваат регионалните земји како резултат на кризата и ќе се направи обид за наоѓање можни начини за нивно надминување, истовремено истакнувајќи ги нивните неспецифични регулативи посветени на развојот и продукцијата на документарни филмови.

На повикот за форумот може да аплицираат продуценти/автори на документарни филмови со аудиовизуелни проекти во финална фаза на продукција од Северна Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција.

-Имајте предвид дека не бараме приказната да биде снимена во регионот. Главни критериуми за аплицирање со проект: да е долгометражен документарен филм, да е во фаза на постпродукција, да е снимен или продуциран во продукција/копродукција со некоја од 12-те земји во регионот. Изборот на доставени проекти ќе го изврши комисија за проценка, земајќи ги предвид критериумите за подобност. Резултатите ќе бидат објавени преку е-пошта. Рокот за пријавување е до 27 јули 2020 и може да се аплицира на festival@makedox.mk со трејлер, доколку апликантот има, или со одбрани сцени (максимум 20 минути), соопшти „Македокс“.

Back to top button
Close