Познати победниците на овогодинешниот Националнен натпревар на ученички компании

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2020/2021 година, организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, е ученичката компанија „LifePal“ од гимназијата Никола Карев од Скопје, информираат од Џуниор Ачивмент Македонија.

Нивната компанија нуди интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Неопходните сетови, претставуваат мали пакетчиња составени од неколку производи, кои ќе бидат лесно достапни од поставените вендинг машини.

Второнаградената ученичка компанија е „TechBook“ од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје и нуди смарт тетратка и веб страна. Веб страната е од едукативен карактер и нуди простор за зачувување на белешките и корисни видеа. Смарт тетратката, како што велат, ќе го олесни начинот на пишување и организирање на училишните белешки и задачи и нуди директен пренос на податоците на компјутер.

Третото место, како што информираат, припаднало на ученичката компанија „Grow Green“ од СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје, која ја развила идејата за еко кафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки. Специфичните растенија кои ќе се одгледуваат во просторот имаат улога на декор и прочистувач на воздухот и ќе бидат користени во продажбата.

Натпреварот се одржал од 10-ти до 31-ви мај 2021 година и учествувале 108 ученици од 23 тимови од средни училишта од Берово, Битола, Велес, Гевгелија, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп и Скопје.

Како првонаградени, „LifePal” ќе учествуваат на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се оддржува виртуелно од 13-ти до 15-ти јули.

Националниот натпревар е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко учење во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ. Трите најдобри тимови биле наградени и од овогодинешните помагатели СЕМОС едукација и ПАКОМАК.

Back to top button
Close