Пратениците отидоа во Берн да учат парламентарна етика

Парламентарната делегација, предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во чиј состав се и потпретседателите Јован Митрески и Весна Бендевска, координаторите на пратеничките групи Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски, пратеникот Миле Лефков и генералниот секретар Марина Димовска, одржаа работни сесии во Берн од 12 до 14 мај во рамките на програмата „Планински дискусии за парламентарната етика“. Главната цел на овие дискусии беше да се постигне консензус меѓу политичките партии за усвојување на нов Етички кодекс за пратениците.
Воведни обраќања на првата работна сесија имаа претседателот на Собранието, Африм Гаши и амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, соопшти собраниската прес-служба.
Гаши ја истакна важноста на политичката подготвеност и волја за постигнување консензус за оваа важна тема за Собранието и за довербата на граѓаните во демократските институции. Тој изрази оптимизам дека преку овој процес, демократските вредности ќе се одразат во функција на парламентарниот интегритет и јавната одговорност.
Амбасадорот Зомер го изрази своето задоволство што ја пречека парламентарната делегација во Берн и дека Швајцарија придонесува во овој значаен процес за политичката култура.
Потпретседателите и координаторите на пратеничките групи ја потврдија важноста на градењето демократска култура, јавната одговорност и зачувувањето на достоинството на Собранието, како и важноста на меѓупартискиот консензус.
По отворените дискусии, оценето е дека Етичкиот кодекс треба да биде нов стандард за парламентарен интегритет, јавна одговорност и зајакнување на довербата на граѓаните во Собранието.






