Претепан таткото на Ел Чека

На патот Осломеј – Кичево денеска бил претепан Мустафа Ахмети, таткото на Шеќерим Ахмети, познат како Ел Чека, лицето кое од Чикаго објавуваше аудио снимки од разговори на високи функционери, членови на ДУИ.

Според Блерим Ахмети, вториот син на Мустафа, татко му бил претепан од членови на ДУИ од Кичево.

„Татко ми е член на избирачка комисија од Беса. Тој тргна да оди втора смена на избирачкото место, но го пресретнаа Ибраим Хоџа и брат му. Татко ми е во болница, а оштетена е и колата. Ова е политички мотивиран инцидент. Хоџа досега неколку пати бил во нашиот дом и ни се закануваше“, изјави Блерим Ахмети за МКД.мк.

Инцидентот го потврдија и од МВР.

Кичевскиот основен Суд, во јануари годинава на Шеќерим Ахмети, познат како Ел Чека, му одреди условна казна затвор од една година, ако во наредните две години не стори ново кривично дело.

Во пресудата пишува дека Ел Чека од 29 до 31 мај 2019 година, на социјалната мрежа ФБ, објавил повеќе тонски снимени прислушувани телефонски разговори, со што им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и други неповикани лица да се запознаат со содржината на ваквите разговори.

Back to top button
Close