Претседателот на ДУИ Ахмети оствари средба со шефот на Делегацијата на ЕУ Рокас


Денеска во Скопје, претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, оствари средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Michalis Rokas, на која се разговараше за актуелните политички случувања во земјата и европската перспектива на Република Северна Македонија, се вели во соопштението на ДУИ што МИА го пренесува интегрално.

На средбата детално беа разгледани обврските што Република Северна Македонија ги има кон Европската Унија, како и одговорноста на институциите и домашните власти за исполнување на сите неопходни реформи и обврски на патот кон полноправно членство во ЕУ.

Претседателот Ахмети повторно нагласи дека европската интеграција останува стратешки приоритет и врвен државен интерес, истакнувајќи дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен членството во Европската Унија.

Соговорниците ја оценија важноста од продолжување на реформите, зајакнување на владеењето на правото, демократското функционирање на институциите и зачувувањето на проевропската ориентација на земјата, како клучни предуслови за напредокот на интегративниот процес.

Back to top button
Close