Призма- Обвинителка бара да падне случајот за црните пари во ВМРО-ДПМНЕ

Нов обид да се закопа „Талир“

Републичката обвинителка Анита Тополова-Исајловска бара од врховните судии да го укинат решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, дознава БИРН.

Информацијата ја потврдија од највисокиот суд. Велат дека предметот е примен и распределен кај судија известител.

Тополова-Исајловска, во јуни потпишала барање за вонреден правен лек (барање за заштита на законитоста), со кој потенцира дека судот требало веднаш да го отфрли обвинението бидејќи е поднесено од неовластен тужител.

Во барањето до Врховниот суд, до кое дојдовме, се спори дека СЈО е овластен тужител, бидејќи обвинението за „Талир“ било поднесено во ноември 2018 година, а рокот што тимот на Катица Јанева го имаше за поднесување обвиненија од 18 месеци, истекол на 30 јуни 2017 година.

Обвинителката се повикува на начелниот став на Врховниот суд од 2019 година, според кој, СЈО можеше да подигне „обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци“.

Проблематични за обвинителката се и 106 аудиоснимки и смс-пораки, кои се докази во предметот. Бара тие да не бидат докази од предметот.

„…Истакнувам дека истите може да се користат само како индиции и врз нив не може да се заснова обвинителниот акт, ниту може да бидат предложени и употребувани како доказ“, напишала Тополова-Исајловска во барањето.

Смета дека се повредени Законот за кривична постапка и Законот за СЈО, иако вториот престана да постои во правниот промет уште во 2020 година, кога во сила стапи новиот Закон за јавно обвинителство.

Нејасно е зошто обвинителката одлучила да го спори обвинението дури сега, кога Законот за СЈО не постои цели четири години.

Врховниот суд нема рок кога треба да одлучи, но бидејќи во предметот има активни мерки кон обвинетите, би можело да се очекува тоа да се случи во периодот по судската ферија.

Ако судиите ѝ го прифатат барањето, тоа значи дека ќе падне случајот.

Која е Тополова-Исајловска?

Toполова-Исајловска, втора од лево | Фото: БИРН

Обвинителката што бара „правда“ за „Талир“, брзо ги искачи сите скалила до највисоки позиции во Обвинителството.

Првпат избрана за обвинителка во 2009 година, во 2013 влегува во Вишото обвинителство за три години подоцна да биде унапредена во републичка обвинителка и заменичка на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Во 2011 година ја отфрли кривичната пријава на „Транспаренси интернешнел“ против тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, за злоупотреба на службената положба и овластување, за упатство за распределба на пари за политичките партии.

Таа е сопруга на екс заменик-министерот за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски. Во 2016 година, 360 степени истражуваше како брачната двојка Исајловски, со основна нето-плата од 2.300 евра, плаќа кредити од 2.200 евра и живеат со 100 евра месечно.

Веќе неколку години во Обвинителството раководи со одделението за меѓународна помош. Во полугодишниот извештај на канцеларијата за врски на Македонија со Европравда за 2021 година стоеше дека во речиси сите предмети за кои странците побарале информација преку јавната обвинителка за врски Ленче Ристоска, од Тополова-Исајловска не добиле повратен одговор.

Од 2022 година, таа е избрана за член на извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители.

Целиот текст на Васко Маглешов на призма мк

Back to top button
Close