Продолжува блокадата од Софија, Скопје се уште гледа можност во самитот на лидерите на ЕУ

– Бугарија уште еднаш стави блокада на усвојувањето на преговарачката рамка за отпочнување на преговорите за пристапување на С Македонија во ЕУ на Советот за општи работи на Унијата што се одржа вчера во Луксембург. За Скопје сепак уште една теоретска можност за старт на преговорите во јуни е Самитот на лидерите на ЕУ во четврток и петок.

Португалската државна секретарка, Ана Паула Закариаш, која претседаваше со министерскиот состанок, ја охрабри Словенија да продолжи да бара решение за преговорите со Северна Македонија врз основа на овој предлог.

-Португалското претседателство даде максимум за да изнајде компромис, решение, сакавме денес да имаме не две, туку четири меѓувладини конференции, рече Закариаш алудирајќи на двете меѓувладини конференции што се одржаа вчера во Луксембург со Србија и Црна Гора.

Таа додаде ова е „тежок политички момент што го живеат Бугарија и Северна Македонија“.

-Сѐ уште не е моментот, треба да најдеме решение во кое веруваат сите чинители, ја охрабруваме Словенија да продолжи, да не го изгуби моментот, да ги искористи предлозите на маса и се надеваме на меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија што поскоро за време на идниот семестар, рече Закариаш.

Германија, Словачка и бројни други земји инсистирале Бугарија да го отстрани ветото за Северна Македонија кое почива врз билатерален конфликт и за кое ЕУ смета дека не му е место во ЕУ. Бугарскиот претставник, како што јави дописничката на МИА од Брисел, ги обвинил своите колеги дека не ја разбираат „длабочината“ на проблемот помеѓу Скопје и Софија и не покажал флексибилност, повикувајќи се на претстојните избори во Бугарија во јули. Иако ниту политичка влада не е гаранција дека ветото ќе се тргне. Ниту португалскиот предлог не ја премисли Софија.

И бугарското МНР вчера соопшти дека Софија го потврди својот став за европската перспектива на Република Северна Македонија на вчерашниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање заемно прифатливи решенија. Бугарскиот заменик министер за надворешни работи Румен Александров изјави дека Бугарија продолжува со консултациите со Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство и оти очекува Скопје да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што, вели, ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока.

-Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ, изјави Александров.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, на прес-конференција, со неговата гостинка-колешката од Шведска Ан Линде, вчера изјави  дека можноста да се добие почеток на преговори за членство на 24 и 25 јуни на Самитот на лидери на ЕУ е теоретска, имајќи предвид дека во моментот во Бугарија има комплексни политички услови и контекст, и единствено претседателот на државата Румен Радев има целосен политички мандат и можност да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самит на лидери.

– Тоа не е прашање дали сум јас оптимист или не, туку е прашање на констатација на Европската комисија, на сите 26 земји членки. Еве денеска пред вас и министерката за надворешни работи на Шведска рече дека Северна Македонија треба да ги почне преговорите. Оттука, ова е прашање на ЕУ што понатаму со процесот, но имајќи предвид дека тоа е во стратешки интерес и на Бугарија дека сепак ќе се рефлектира и ќе се даде тоа зелено светло на 24 и на 25 јуни, посочи Османи.  

И шведската министерка Линде на новинарско прашање, во однос на блокадата од Бугарија, рече дека ЕУ презела обврски кон Северна Македонија и дека треба да ги исполни тие обврски.

– Потребен е билатерален дијалог да се решат овие прашања на соодветен начин и ги поттикнувам сите дипломатски напори за решавање на ова прашање. На моите состаноци со министрите за надворешни работи во ЕУ јасно истакнувам дека Бугарија не треба да ги блокира преговорите и дека билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со Северна Македонија. Мислам дека ова е заедничка позиција и став на повеќето министри за надворешни работи, освен на министерот за надворешни работи на Бугарија, изјави Линде.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, порача дека „не креваме раце и оти правиме се што можеме во рамки на едно европско достоинствено решение“.  Нашите позиции, рече Димитров, стојат на кристално јасни принципи и се повеќе земји членки велат вие испорачавте, мора да најдеме начин и ние како ЕУ да испорачаме. Според него, влогот е огромен и сега крупното прашање е дали ние на Балканот можеме да веруваме на зборовите на ЕУ.

-Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување тогаш таква ЕУ нема да ни треба. Јас уште кога почна овој процес во октомври минатата година, кога се интензивираа напорите тогаш уште за германското претседателство јасно кажав, јас сум со тоа ок. Ако не можеме да ги отвориме вратите заради македонскиот јазик, во ред, нема да ги отвориме. Но тоа поставува суштинско прашање каква унија е ЕУ. посочи Димитров во гостување на дневникот на ТВ Сител.

За посетата минатата недела во Софија со премиерот Заев и министерот Османи не откри детали, но начелно рече се разговарало за интензивирање на секторската соработка и околу процесот на работа на Комисијата за историски и образовни прашања.Тоа на некој начин, додава, би требало да биде патоказот, билатералниот документ којшто според португалскиот предлог би се разгледувал низ процесот на стабилизација и асоцијација.

-Сето тоа од наша страна беше разговарано и понудено доколку денес нашите комшии кажат „да“ за преговарачката рамка и за првата меѓувладина конференција. Во таа смисла не знам за какви обврски може да се зборува бидејќи не се исполнети очекувањата и обврските на другата страна. Не може да се зборува за превземени обврски кои што се условени со „зелено светло“ денес на Советот за општи работи. Во договорот  меѓу другото има и поддршка од бугарска страна на нашиот европски пат. Тешко е да ги помирите зборовите поддршка со зборот блокада, или немање зелено светло. Ефектот во целиот контекст не е добар за никого- ЕУ која губи во еден регион кој е географски во рамките на земјите членки на ЕУ, губиме ние, губат нашите комшии, губи овој цел регион, рече Димитров.

Според шефот на државата Стево Пендаровски, клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, вели, Унијата не може да биде клучен геополитички играч, а тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е, вели, поразително.

Во врска со односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија во контекст на македонските евроинтеграции, тој го реафирмира ставот дека ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, тогаш не ни e потребна ЕУ.

– Јасно е кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло. Се што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже, потенцира претседателот Пендаровски.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по состанокот на Советот за општи работи во Луксембург порача дека почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со С Македонија и Албанија останува приоритетно прашање.

-Во врска со ситуацијата со Албанија и С. Македонија,  во текот на изминатите месеци, направено е многу и постигнат е значителен напредок. Ние сме во крајна фаза и ќе продолжиме да работиме со словенечкото претседателство на ЕУ  да го заклучиме процесот, а тоа е да ги отвориме првите меѓувладини конференции (со С Македонија и Албанија) како приоритетно прашање, напиша Вархеји на Твитер.

Шефот на дипломатијата на Словенија, Анже Логар, пак, во интервју за Еуроактив приоритетите за неговата земја за претстојното претседателство со Советот на ЕУ истакна дека ЕУ треба да се придвижи „што е можно побрзо“ од пристапот на чекање и гледање кон стратегија за решавање на проблеми во справувањето со проширувањето и Западен Балкан. Процесот на проширување вели „мора да биде одржлив и тие земји треба да бидат сигурни дека доколку исполнат одредени цели, следниот чекор, проширувањето ќе дојде за нив“, додавајќи дека ова особено се однесува на земјите кандидати Албанија и Северна Македонија.

-Двете земји ги исполнуваат критериумите што им беа поставени од ЕУ и бидејќи блокот се заснова на владеењето на правото и истата мерка за сите, и двете треба да продолжат во следната фаза, рече Логар и додаде дека се уште се надеваат дека договор ќе биде можен во текот на оваа недела под португалско претседателство.

Back to top button
Close