Продолжуваат израелските напади врз Либан додека расте загриженоста, бројот на загинати надмина 550

Израел соопшти дека извршил десетици воздушни напади врз либанскиот Хезболах денеска, откако стотици луѓе беа убиени еден ден претходно додека ескалираа судирите во речиси едногодишната војна во Газа.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека во израелските напади загинале најмалку 558 луѓе, меѓу кои 50 деца, во понеделникот во најсмртоносниот ден на насилство од граѓанската војна во земјата 1975-1990 година.

Либанскиот министер за здравство Фирас Абијад денеска изјави дека „огромното мнозинство од убиените вчера биле невооружени луѓе во нивните домови“. Неговиот кабинет го потврди убиството на уште шест лица во денешниот израелски воздушен напад врз јужен Бејрут.

Израел подоцна соопшти дека го „елиминирал“ ракетниот командант на Хезболах, Ибрахим Кобеиси во нападот врз либанската престолнина. Извор близок до Хезболах исто така потврди дека Кобеиси е убиен.

И покрај зголемениот притисок врз Израел да ги прекине смртоносните напади, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави продолжување на воената операција.

Хезболах претходно соопшти дека денеска истрелал ракети врз израелските воени бази, откако 180 проектили ја преминале границата со Израел, принудувајќи ги жителите на Хаифа да трчаат кон засолниште.

Израелската војска соопшти дека повеќе од 50 проектили биле истрелани кон северен Израел за помалку од десет минути, додавајќи дека ги пресретнала повеќето од нив. Исто така, се вели дека извршила повеќе напади врз инфраструктурата на Хезболах, како и воздушен напад во Бејрут втор ден по ред.

Хезболах подоцна потврди дека целел на уште четири израелски воени локации, вклучително и воен камп јужно од Хаифа со три ракети Фади.

ОН објавија дека десетици илјади Либанци ги напуштиле своите домови од понеделникот поради зголемените израелски напади.

Анонимен американски функционер рече дека Вашингтон се противи на израелската копнена инвазија и има конкретни идеи како да се деескалира кризата.

Еден израелски воен претставник, кој не е идентификуван, рече дека војската има за цел да ја деградира заканата на Хезболах и да ја потисне од границата и да ја уништи неговата инфраструктура.

Израелскиот политички аналитичар Михаил Хоровиќ оцени дека ситуацијата е исклучително опасна, но дека се уште има простор дипломатијата да го избегне најлошото.

Back to top button
Close