Промоција на Монографија – 80 години НУ Народен театар Битола
НУ Народен театар – Битола денеска организира промоција на монографијата „80 години Народен театар Битола“ од проф. д-р Иван Додовски.
За монографијата ќе зборуваат промоторите: проф. д-р Мишел Павловски и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Монографија илустрирано издание што ја бележи историјата на растежот на институционалниот театар на македонски јазик во Битола во периодот од 1944 до 2024 година. Напишана на 310 страници, книгата содржи и прилози за претстави, гостувања, награди, ангажирани режисери, актери, сценографи, костимографи и за сите други творци што оставиле печат во осумдецениското траење на овој театар. Оваа публикација е значајно сведоштво за еден растеж и за достигнување на врвни уметнички вредности што станале неизоставен дел од македонската културна меморија.
Рецензенти на ова монографско издание се проф. д-р Сузана Киранџиска и проф. д-р Мишел Павловски, уредници се Билјана Крајчевска и Оливера Павловиќ, лектор Жаклина Атанасова, а во прибирањето на податоците и во подготовката како стручен тим од Народиот театар во Битола учествуваа: Стеванка Вељановска, Билјана Вржовска, Сашо Илковски, Марија Козарова, Билјана Крајчевска, Александар Митровски, Филип Ошавков, Оливера Павловиќ и Владимир Переловски. Дизајнот на монографијата е на Сергеј Светозарев, а ја отпечати Графопром – Битола. Публикацијата содржи богата збирка фотографии од архивот на НТБ.
Иван Додовски е редовен професор по критичка теорија, компаративна литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје. Автор е на четири поетски книги, збирка раскази и на повеќе студии од областа на книжевноста и театарот. За својата истражувачка работа ги добил наградите „Хејман“ и „Гертрут Кропер“ од Универзитетот во Нотингем, Англија. За книгата Мало фолио за театар (2018) ја добил наградата „4 Ноември“, а за книгата Долгата транзиција на Македонија (2023), приредена заедно со британскиот историчар Роберт Хадсон, а објавена од лондонскиот издавач „Палгрејв Макмилан“, бил одликуван со државната награда за наука „Гоце Делчев“. Како гостин-предавач држел предавања на универзитетите во Мелбурн, Дарби, Глазгов, Нитра, Јена и Будимпешта. Иван Додовски е претседател на Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“ со седиште во Париз.