Протест пред Кривичниот суд за Феликс, се бара нова регулатива за насилствата врз животните
Денес во Кривичниот суд во Скопје почна судењето против Љубе Крстевски со соучесник, кој на суров начин, со метална шипка и речиси без повод го претепа до смрт бездомното куче Феликс, за што заработи кривична пријава од Здружението за заштита на животните Анима Мунди и ЈП Лајка. Адвокатот на обвинетиот побара време да ги разгледа доказите, по што судењето беше презакажано.
Феликс, по претрпените десет крвнички удари со шипка по два месеци лечење умре во агонија. Анима Мунди и ЈП Лајка на протестот бараа најстроги казни за ваквите дела и иницираа промена на Кривичниот закон за да ваквите дела не поминуваат веќе заборавени, премолчени и без казна.
-Се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое, и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците, порачаа учесниците на протестот.
Тие бараат внесување на нови прецизно дефинирани категории во кривичниот законик, односно нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.
-Доколку некој се уште се прашува дали и зошто е тоа потребно, наведуваме неколку примери за кои располагаме и фотографии и видео материјали добиени во последните 10 дена.
– Коњ, целосно исцрпен кој колабира на улица, е маван и со сила приморуван да стане и да продолжи да влече товар.
– Мачка е застрелана и мртва закачена на возило, како трофеј.
– На мало, мирно куче со сопственик му е скршен черепот од удари; Умира, а полицијата не извршува ниту увид по пријава и посочување на осомничено лице, од страна на сопственик.
– Обесено куче служи за поттикнување на агресија и умира од давење и угризи, додека на него се вежба друго куче. Обесени два волка.
– Борби со кучиња се закажуваат и промовираат на секаде онлајн; Се спроведуваат во урбани средини, а за истото сите молчат, додека кучиња умираат давејќи се во сопствената крв. Пријави ни доставуваат дури и полициски инспектори, кои се плашат за својата безбедност.
– Секојдневно исфрлени расни и нерасни миленици кои завршуваат напуштени, а потоа труени, тепани, умираат во тага без можност да се снајдат на улица, продлабочувајќи го проблемот со прекубројноста на бездомни животни, нарушувајќи ја безбедноста на населението.
Според нив, во Македонија секојдневно се случуваат фрапантни и девијантни случаи на насилство врз животните кое неминовно ескалир, доколку не се препознае и казни соодветно.
-Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство! Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Конкретно, покрај зголемување на казните, бараме:
1) Воведување на засебно кривично дело: Борби со животни;
2) Засебно кривично дело: Напуштање на животни;
3)Воведување на засебна безбедносна мерка : Забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело.
Ние не измислуваме ништо ново, туку се базираме на успешни европски примери во законодавството, при што сме водени од примерот на националното кривично законодавство на Република Хрватска и други земји од ЕУ ( Италија, Франција, Полска) – земји каде што казнените дела се третираат со висока свест за меѓусебната поврзаност и условеност помеѓу заштитата и благосостојбата на животните и заштитата и благосостојба на луѓето, порачаа од Анима Мунди. (Независен)