Протести во Турција: Што се крие зад апсењето на Имамоглу?
Илјадници луѓе во Турција вчеравечер (19.03) протестираа поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Тие бараат оставка од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кого го обвинуваат дека со апсење на Имамоглу сака да го елиминира својот најголем ривал.
Екрем Имамоглу, беше уапсен во средата изутрина (19.03). 53-годишниот политичар од најголемата опозициска партија ЦХП требаше наредната недела да биде официјално номиниран за претседателски кандидат на неговата партија. Тој е најважниот противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган и се смета за кандидат со најголеми перспективи. Апсењето уследи откако беше откриено дека универзитетот во Истанбул ја поништил дипломата на Имамоглу во вторникот, која пак во Турција е предуслов за кандидирање за функцијата претседател. Причината за анулирањето е наводна незаконска промена на универзитетот. Имамоглу ги започнал студиите на Источномедитеранскиот универзитет во турскиот дел на Кипар и по две години се преселил во Истанбул, каде што неговото семејство имало бизнис. Според неговите наводи, тој за време на студиите работел во семејниот бизнис.
Натамошни апсења и реакции
Покрај Имамоглу, во голема полициска акција во Истанбул се уапсени уште околу 100 лица, меѓу кои новинари, уметници, претприемачи и соработници на градските власти. Од кабинетот на гувернерот на провинцијата Истанбул беше воведена четиридневна забрана за демонстрации, собири и за информативно известување до недела.
Претседателот на ЦХП, Озгур Озел, апсењето на Имамоглу го опиша како „обид за државен удар против следниот претседател“. На платформата X тој напиша: „Кога власта се злоупотребува за да не се почитува демократската одлука на народот, за да се скрши неговата волја или да се спречи да се формира слободна волја, тогаш тоа е државен удар. (…) Ние не се откажуваме. На крајот народот повторно ќе одлучи, а Турција ќе победи“. Озел ги повика 1,7 милиони членови на ЦХП и покрај апсењето на Имамоглу да учествуваат на внатрепартиските избори за претседателски кандидат на ЦХП во недела.
Прокурдската опозициска партија ДЕМ исто така го осуди постапувањето против опозицијата и зборува за „процес на цивилен пуч“. Арет Демирчи, шеф на фондацијата „Фридрих Науман“ во Турција, за ДВ вели дека поништувањето на универзитетската диплома на Имамоглу во вторникот вечерта веќе навестувало што може да биде следно. Сепак, за него е изненадувачки што сето се случило толку брзо. Демирчи повлекува паралели со политичката кариера на Ердоган. Поглед во турската историја покажува дека незаконска дисквалификација на политичките ривали често има спротивен ефект и ја зголемува симпатијата меѓу населението за дадениот кандидат. Најдобар пример за тоа е самиот Ердоган, кој беше градоначалник на Истанбул од 1994 до 1998 година. Откако цитираше религиозна поема која се сметаше за закана според тогашниот турски лаицистички државен резон, Ердоган беше уапсен, што нему му донесе многу симпатии меѓу народот. Партијата што ја основаше четири години потоа победи на изборите само една година по нејзиното формирање.
За што се товари Имамоглу?
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу е обвинет за предводење на криминална организација. Тој наводно од позицијата градоначлник манипулирал со јавни тендери и примал поткуп. Тој е обвинет и за поддршка на терористичка организација и за врски со курдската терористичка организација ПКК.
Наводите првенствено се изнесуваат во контекст на локалните избори, на кои партијата ЦХП на Имамоглу соработуваше со прокурдската ДЕМ во некои делови на Истанбул и постигна успех. Тоа пак беше трн в око за изборната коалиција на претседателот Ердоган. На последните локални избори, исламско-конзервативната АКП на Ердоган за првпат од нејзиното основање во 2001 година не го освои првото место, туку беше втора. Најголемите метрополи ги освои опозициската партија ЦХП.
Кој е Имамоглу?
Екрем Имамоглу, роден 1970 година, студирал економија во турскиот дел на Кипар и Истанбул. Пред неговата политичка кариера, тој работел како угостител и градежник. Од 2002 до 2003 година бил член на управниот одбор на фудбалскиот клуб Трабзонспор. Во 2019 година Имамоглу победи на локалните избори во Истанбул, ставајќи крај на 25-годишното конзервативно-исламистичко владеење на АКП. По поднесената жалба од АКП, изборниот резултат беше поништен, но Имамоглу победи на повторното гласање со голема разлика. Тој беше реизбран за градоначалник на последните локални избори на 31 март 2024 година.
Имамоглу се смета за предизвикувач на претседателот Ердоган со најголеми изгледи за победа, како и надеж за опозицијата. Тој е познат како народен човек, способен да мобилизира народ. Исто како Ердоган, тој потекнува од конзервативно-националистичкиот регион на Црното Море и израснат е во скромни услови. Откако ја презеде функцијата градоначалник, тој масовно ја прошири социјалната поддршка за сиромашните и студентите во Истанбул.
Истанбул е од исклучително значење
16-милионската метропола Истанбул е економското срце на Турција. Повеќе од 20 проценти од работната сила во земјата се наоѓа во метрополата на Босфорот. Околу 51 проценти од извозот и 55 од увозот се врши во Истанбул. Затоа во земјата важи правилото дека „оној што владее во Истанбул, владее со Турција“.
Градот, покрај тоа, беше и важен извор на средства за владејачката партија АКП. Откако ја изгуби контролата врз Истанбул во 2019 година, се појавија наводи и обвинувања дека партијата за време на владеењето користела јавни средства за провладини фондации, медиуми и братства и дека преферирала провладини компании при доделувањето договори (dw)