Протестот на работнички од штипската конфекција „Алкон текс“ ставен во мирување

– Над 50 работнички од штипската конфекција „Алкон текс“ го ставија протестот во мирување. 

Бисера Кафтанова, претставничка на работниците, кои се на принуден одмор, вели дека решението го донеле откако увиделе дека нема никакви информации за решавање на нивниот статус. Посочува дека е нехумано на протести да доаѓаат бремени жени и работнички со своите деца и внуци и да плаќаат такси превоз за да отидат пред фабриката.  

-Никој не не контактираше од фирмата. Сега сме во исчекување. Од овој месец немаме пензиско и здравствено осигурување. Останува на институциите, што тие ќе решат, вели Кафтанова.

Минатата недела, работничките беа пред фабриката, барајќи исплата на неисплатените плати и придонеси и да бидат префрлени во друга фирма.

Кристина Ампева од здружението „Гласен Текстилец“-Штип вели дека покренуваат иницијатива за промена на Законот за прекршоци, во кој ќе бараат да се зголемат глобите за работодавците, кои ги кршат основните работнички права, а тоа се неисплата на плати, придонеси и додатоци. Посочува дека  трудовиот инспектор кога ќе констатира кршење на работничките права, согласно законот, на работодавачот му се изрекува минимална глоба која  може да се преполови, доколку ја плати на време. Заостанатите неисплатени плати работниците можат единствено  да си ги побараат во судска постапка.

Ампева смета дека ова е апсурдно, бидејќи е невозможно работник, кој подолго време не добил плата, да плаќа судски трошоци. 

 – За пример ќе ги земам штипските фирми „Баргала“ и „Штип-текст“, за неисплатени плати и придонеси. Ова се официјални информации од Државниот трудов инспекторат. Платени се глоби. Ако ги платат во рок од осум дена, тие глоби стануваат 500 евра и работодавачот нема обврска да ги исплати платите на работниците, туку тие може да си ги побаруваат само во судска постапка, вели Ампева.

Ампева за случајот со конфекцијата „Алкон текс“ вели дека планираат да стапат во контакт и со странскиот партнер и брендовите за да ги известат за случајот со работниците. 

Back to top button
Close