Први излезни анкети од Бугарија: Тесна трка меѓу коалициите на Петков и Борисов


Почнаа да пристигнуваат првите излезни анкети од парламентарните избори во Бугарија.

Првичните проекции на резултатите од денешното гласање покажуваат тесна трка помеѓу коалицијата ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов и коалицијата на уште еден експремиер, Кирил Петков, од партијата Продолжуваме со промените (ПП), која настапи заедно со Демократска Бугарија (ДБ).

Според излезните анкети на агенцијата „Тренд“ направени за бугарската Нова ТВ, ПП-ДБ има 26,9 отсто од гласовите, а ГЕРБ-СДС 26,7 отсто.

Исто така, тесна е разлика и во битката за третото место помеѓу националистичката Преродба која има 12,9 отсто и ДПС со 12,4 отсто. Петта е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 10,5 отсто.

Блиску до изборниот праг од четири отсто освоени гласови потребни за да се освојат пратенички мандати, според „Тренд“, е Има таков народ на Слави Трифонов со 3,9 отсто освоени гласови.

„Мртва трка“ покажуваат и излезните анкети на останатите агенции. Според „Алфра рисрч“, ПП-ДБ има 26,4 отсто, а ГЕРБ-СДС 25,5, пренесува БТВ.

Следните се ДПС СО 13,9, а веднаш зад нив се Преродба со 13,5 отсто.

Петта партија е БСП со 9,2 отсто.

Под прагот од четири отсто, пак, е Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев со 3,6 отсто, а дури потоа е Има таков народ со 3,5 отсто.

БТВ ги јавува и податоци од агенцијата „Маркет линкс“, според која партиите и коалициите имаат:

ГЕРБ-СДС – 25,5 отсто;

ПП-ДБ – 24,5 отсто;

ДПС – 14,2 отсто;

Преродба – 13,8 отсто;

БСП – 10,1 отсто;

Има таков народ – 4 отсто.

Back to top button
Close