Психо операции

Ние граѓаниве на нашава земја “Папокот на светот” или ако сакате “Aнусот на Европа”, зависи кој како разбира, навистина имаме некои многу посебни, уникатни би рекла, врхунски генерирани и недозволиво поларизирачки тенденции по сите белосветски дилеми: Русија или Америка; Израел или Палестина; Европа или БРИКС, СДСМ или ВМРО, Албанци или Македонци; Патриоти и Предавници, Само Црно или само Бело?! Нема сиво, нема нијанси за нас, нема сензибилитет.

Но битно, кај македонското граѓанче, секогаш, ама баш секогаш има осет, па и таква моќ што веднаш може да се приклони или навака или натака зависно од личните потреби и тоа до ниво на занемарување на својата држава. Од нашето осамостојување, па до ден денес ми се чини дека оваа особина посебно се култивира, легитимира, и станува како сурвајвалистичка хабитуалност без која е невозможно да се опстане. Но денес, ми се чини дека ургентно е да се стави таа особина малку ad acta. Зошто, во услови на сериозни психолошки операции (PSYOP) на кои сме изложени како дел од хибридните закани и кога со истите тие PSYOP се креираат впрочем и лажните вести од нерегулираните, пардон “саморегулираните медиуми”; истите тие PSYOP имаат токму таква цел да индуцираат поларизација. Тој trash на црно-бел високо поларизиран светоглед, очигледно е длабоко интернализирн. Во една ваква комлексна глобална безбедносна состојба , ние повторно, како да немаме минимум капацитет да разбереме каде сме, што сме и што сакаме!? Повеќето од нас ги боли уво, и за контекст и време, и за причини и за последици, од сопствени проценки и дествија. Жално.

Ако се обидете, на пример,  некоја логика да најдете во сферата на креирање на “најавеното мислење” , големи се шансите да звучите како збир на “печатни грешки”. И, секако, нема да успеете во еден таков потфат. Бидејќи, плукачите на комунизмот, навиваат за Путин денес; “довчерашните бугарофили” се против Бугарите денес; контра-револуционерните на антифашистите од ВСВ и врховистите јаваат на путинистичката “антифа” пропаганда; додека “борците” за дискредитација на Блаже Конески и неговиот придонес во кодификацијата на македонскиот јазик, го бранат до последната капка крв “македонскиот идентитет”; медиумските превари продаваат магла и сеат лаги за големи суми, а со тоа го стимулираат и лакомислениот, но, и лошонамерниот граѓанин, а луѓето кои најдрско ни упаднаа во домовите во приватноста, зборуваат за обесправен народ?!??!?! Алоо!

Ќе бидам директна: кој кого заебава овде?

Се знае кој.

Што ни укажуваат ваквите нелогични паралели, за чија бесконечна бројка нема место во овие редови. Одма да одговорам: тврдам дека овие дисоцијативности се резултат на психолошки операции (PSYOP) против нашата држава и граѓани. А денес, на секој треба да му е јасно дали “некој” и кој е тој што има таков интерес за сеење на ваква омраза помеѓу нашиот народ?

Или, како го замислувате исходот од оваа деструктивна атмосфера која очигледно е дека се билда од ден на ден, а забележана под поимот “поларизација” во извештајот!

Еден барем малку посериозен увид во нашата стварност неминовно ќе не донесе до заклучок дека заканите од хибридитет успеале во тоа да “ја имат снемано реалната перцепција” и со тоа да заостанеме во адаптацијата, соодветно.

На друго ниво, важно е да се укаже дека, поларизираните поединци пак, научно потврдено е, немаат баш капацитет да ги воспремаат фактите и доказите спротивни на нивните сопствени ставови (или замислени приказни); и како такви тие се посклони да ги игнорираат мислењата на нивните противници; и да ги игнорираат фактите, со што стануваат само екстензија, предмет, орудије или маша на т.н. трети страни кои имаат интерес од конфликт на пример – тука, и сега!

Во Македонија, имено.

Сликовито: тендецијата за изолација на земјава преку неусвојување на уставите измени и прекинување на преговорите со ЕУ, се пресекува преку иницирање прво на интра-македонски конфликт (од кој секако би имале корист сите други само не Македонците, а таков обид имаше по повод бекатонскиот протест!); второ, интер-етнички македонско албански (од кој би имале значајна корист регионалните злонамерници). А ние, пустите поларизирани, глупантропи!

Психолошки, политичката поларизација се објаснува и како резултат на сложена интеракција помеѓу сопствената когнитивна структура кај една личност (свест или нејзино отсуство, напр.) и тоа во комбинација со влијанијата од околината. Во таа смисла, основано индикативни се “конзервативните” диспозиции и вредности врзани за свеста на поединците кои така се индетификуваат. На пример овој наслов од еден научен труд, сам по себе е забавен: Knot in Their Right Mind? Right-Wing, Extremism Is Not a Mental Illness, but Still a Challenge for Psychiatry (Schumann; Brook; Hein). Едноставно кажано, структурата на нашата социјална средина во коваријација со персоналните когнитивни диспозиции, факт е, дека имаат големо влијание и врз нашите политички избори. Психологијата на политичките идеологии, впрочем нуди опширни докази дека луѓето кои се социјално и културно конзервативни покажуваат значително помала толеранција за двосмисленост и за потреба од “подлабоко спознание” отколку оние со либерални согледби. Но, тоа е до индивидуалните преференци. И тоа не е за осуда или за морално “згрожавање”. Проблемот настанува кога “oвие со такви диспозиции” се ставени во погон и мобилизирани преку психолошко оперативна интервенција низ ехо комори, или платформи, а по повод конретни социјални ситуации (напр. француски предлог). Тогаш, информацискиот геримендеринг стапува на сцена и тоа се дизајни кои ќе ви прикажуваат објави што вам веќе ви се допаѓаат, па сте бомбардирани со ставови со кои веќе се согласувате. Така поларизацијата расте, а “третите страни” гледаат сеир и чекаат момент за нешто поголемо , како (27ми април, напад на Captol Hill, Brexit, Макзит итн сл.)

Крајно време е различностите во општествено политичките сфери да се манифестираат и промовираат преку конструктивни дискусии и аргументи, а за тоа голема одговорност како на грбот на политичарите, така и на медиумите , кои не сум баш сигурна дека се целосно свесни во каков амбис може да не однесе нивното неодговорно делување, кои нема никакви допирни точки со државните и општествените придобивки, напротив, ја продлабочува поларизацијата во општеството и во голема мерка ги зголемува безбедносните ризици на кои сме изложени.

Ана Чупеска

Back to top button
Close